Не се раѓа повторно ваков Ајакс

Луј Ван Гал да седне да раскажува за таа 95-та, нема да има право никој да трепка. Безвременска генерација која не можел никој да ја победи, од Волендам до Милан. 106 гола збрцале во првенство на 34 средби. Неповторливи се.

На денешен ден пред четвртина век, Ајакс стана шампион на Холандија, ама тоа го стори на најдоминантниот можен начин, а тоа е без пораз, со 27 победи и 7 нерешени.

Четири петарди пукнале, а по еднаш згазиле со 7:0 и 8:0. Меѓу 1994-та и 1996-та, направиле серија без пораз од 52 првенствени меча + 19 во ЛШ, а пикот го имале во 95-та, бидејќи во цела календарска година немале пораз, дома и во Европа на 48 натпревари, подвиг кој не му успеал на ниту еден друг тим во историјата.

Овој тим на Ајакс се смета за еден од најјаките во фудбалската историја. Внимавајте добро на имињата:

Голмани: Фред Грим, Едвин ван дер Сар

Одбрана: Дени Блинд, Винстон Богарт, Франк де Бур, Михел Крек, Михаел Рајзигер, Сони Силој

Среден ред: Роналд де Бур, Едгар Давидс, Кики Мусампа, Тарик Улида, Марко Овермарс, Мартин Ројсер, Франк Рајкард, Кларенс Сидорф, Џон ван ден Бром, Нордин Вутер, Џорџ Динид.

Напад: Јари Литманен, Нванкво Кану, Патрик Клајверт, Питер ван Восен.

Со исклучок на Нигеријците Кану и Финиди и Финецот Литманен, сите други биле Холанѓани, претежно од сопствената школа.

Прв стрелец во првенство Клајверт со 18 гола, а на сите натпреварувања Литманен со 27.

Да е само првенството. Купот на Холандија го загубиле од Феенорд, ама затоа освоиле уште три други трофеи: Супер Куп на Холандија, Супер Куп на Европа и најдрагоцената Лига на шампиони.

Групната фаза во конкуренција на Милан, Салцбург и АЕК ја минале со 4 победи и 2 нерешени, во нокаут фаза ги минале Хајдук и Баерн, а во финале Милан со голот на Клајверт во 85-та минута.

 
14 мај 2020 - 16:32