Модерните телефони и апликации го упростуваат животот. Слушаш добра песна и сакаш да ја споделиш, тука ти е мобилниот. Тешко можеш да се загубиш во некој град ако користиш Гугл Мапс. Но и во таква ситуација има некој што претерува.
Веќе е невозможно да се изолираш од светот, да бидеш свој на свое и да уживаш во приватниот живот. Мобилниот ѕвони и бипка цело време. Твитер, Фејсбук нотификации и пред сè пораки на ВотсАп. Сепак, Томас Кеслер вториот голман на Келн нашол ефикасно решение: Од 18:00 часот па натаму се одмора и пријателите го оставаат на раат. Како?
Многу фудбалери во последно време ги користат копачките за да пратат порака до навивачите, до девојките, до пријателите или соиграчите.
На времето, Паоло Ди Канио во последната сезона со Лацио носеше копачки на кои имаше натпис Курва Норд (Северна трибина) каде стојат најзагреаните навивачи на Лацио. Подолски носеше копачки со натпис за неговиот син Луис, Швајнштајгер ѝ изразуваше љубов на Ана Ивановиќ преку копачките... Порака на копачките неодамна напишал и Томас Кеслер: Од 18:00 часот па натаму не ми праќајте пораки на ВотсАп.
„На почеток пишував такви статуси, но луѓето не ме сфатија сериозно и се смееа на таквиот апел. Затоа решив да на копачките да го напишам истото. Ми стигнуваат по стотици пораки на ден, не можам веќе. Од 18 часот па натаму сакам да го тргнам мобилниот и да уживам во приватниот живот. Не сум должен да ги трпам тие на кои им е досадно и немаат работа во животот“, констатира голманот Кеслер.
После натписот со копачките, никој не го вознемирувал после 18:00.