Не е злато сè што сјае, најдобро знаат навивачите на Андерлехт со Компани

Во мај минатата година, после цели 11 години во Манчестер Сити, капитенот Венсан Компани објави дека се враќа во родниот Андерлехт. И брзо навивачите а и тој самиот се уверија дека не е сè како во бајките.

Белгиецот објави уште следниот ден откако ја прослави тројната круна со Пеп Гвардиола. Како што стигнал во Брисел, веднаш почнал да ја тренира екипата.

„Во текот на следните три години јас ќе ја преземам улогата играч-тренер на Андерлехт. Ова може да е неочекувано за вас, но ова е најстрасна и најрационална одлука која некогаш сум ја донел.

Како фудбалер јас се родив и пораснав во Андерлехт. Од 6 години бев едно со овој клуб. 34 шампионски титули, му нема рамен. Јас многу научив во последните 3 години од неверојатниот тренер Пеп Гвардиола кој ми ја всади љубовта кон фудбалот. Манчстер Сити демонстрира фудбал каков што сакам да го играм. Тој фудбал сакам да го пренесам и да видам како ќе играат моите играчи“, им пишал Компани отворено писмо на навивачите.

НАМЕСТО РЕАНИМАЦИЈА, АНДЕРЛЕХТ ПОТОНА УШТЕ ПОДЛАБОКО СО КОМПАНИ

Навивачите со нетрпение чекаа Венсан да го опорави Андерлехт кој пред Компани да стане тренер-играч, ја заврши сезоната на 6 место и првпат од 1964-та година не влезе во еврокупови.

А немало ни реален повод за оптимизам. Уште пред стартот на новата сезона лани во мај, Компани бил свесен дека доаша во клуб со големи долгови, со закана за суспензија од ФИФА и управа во која никој не разговара еден со друг.

Во таква критична ситуација да се биде играч и тренер не е лесно. 

КОМПАНИ СТАНАЛ ТРЕНЕР БЕЗ ЛИЦЕНЦА, АНДЕРЛЕХТ БЕШЕ КАЗНЕТ ПОРАДИ ТОА

Капитенот на репрезентацијата на Белгија во Брисел не дошол сам. Од „Етихад“ со себе го понел Сајмон Дејвис кој работел во стручниот штаб на Манчестер Сити од 2013-та а од 2019-та година се занимавал со обука на тренери.

Велшанецот бил најзаслужен за тоа што сите младински тимови на Сити играле ист фудбал, иста тактика.

Андерлехт како да не помислил дека Компани ја нема неопходната лиценца UEFA Pro за да биде тренер. Поради тоа клубот бил казнет со 5.000 евра дури во октомври лани.

До тоа време екипата ја водеа Компани и Дејвис. Венсан бил главен тренер од јули до август а со него Андерлехт го имал најлошиот старт уште од 1998-ма година - два порази, две нерешни средби и гол разлика 3:6. После тоа Компани се повлекол и главен тренер фигурирал Сајмон Дејвис.

Во првите 9 кола Андерлехт имал 5 порази и 3 нерешени и бил на само 3 бода од зоната за испаѓање. Навивачите го кривеле само Компани за ова кој за тој период играше на терен како капитен. После едно мизерни реми, навивачите биле бесни и се собрале пред стадионот каде барале Венсан да си оди од клубот.

Во октомври лани најславниот белгиски клуб конечно постави искусен тренер на клупата. Стручниот штаб го презел 63-годишниот Франк Веркаутерен кој и порано го тренирал клубот од Брисел.

Со Андерлехт Веркаутерен освоил 6 титули (4 како играч, 2 како тренер).

Тој малку од малку ја оправил ситуацијата, но во февруари отказ добил Сајмон Дејвис кој тогаш бил помошник тренер. Тоа било уште еден удар за управувачките способности на Компани. Британецот во Брисел ќе го паметат само по ужасно досадните прес конференции. Еднаш на прес му дошол само еден новинар.

Во Белгија сезоната заврши предвреме поради пандемијата со вирусот. Белгијците први во Европа решија да стават крај на актуелната сезона.

Шампион стана лидерот Бриж, а Андерлехт заврши осми па не се пласираше ни во квалификации за Лига Европа.

34-годишниот Компани кој важи за еден од најинтелегнтните фудбалери со докторат, одиграл 15 меча со 1 гол и 1 асистенци. Не играл повеќе поради ситни повреди. Три повреди го спречиле да се појави на дури 11 меча сезонава.

РЕШЕН Е ДА ОСТАНЕ ДОЛГО, ЌЕ ИНВЕСТИРА ВО АНДЕРЛЕХТ

Во 2017-та година белгискиот бизнисмен Марк Кук ги откупил мнозинството акции од семејството Ван ден Сток. Кук рекол дека секој ден „наоѓа нови скелети во шкафовите кои ги оставиле претходните сопственици“.

Клубот игра на истрошен стадион и тренира во стара база. Освен тоа и стадионот и базата се на земја која што му припаѓа на градот а не на Андерлехт, така што клубот во секој момент би можел да остане без стадион.

Доаѓањето на новиот газда Кук не ја оправило состојбата. Со секоја година клубот тоне се подлабоко во финансиска криза. Андерлехт во моментов должи 90 милиони евра.

Минатата сезона клубот имал загуби од 27 милиони евра, а сега со пандемијата тешко да биде подобро. Во март годинава клубот морал да ги скрати трошоците па жртва бил помошникот тренер Пер Ѕетерберг.

Втора година по ред Андерлехт останува без пари од еврокупови. Во ваква критична состојба Компани ветил дека ќе им плати на сите играчи кои одбиле да им биде скратена платата во периодот на пандемијата и дека ќе инвестира во клубот.

На крајот од мај нов претседател на клубот станал Вутер Ванденхот а Компани станал инвеститор. Два пати вложувал по 3 милиони евра за да покрие елементарни трошоци.

Интересно откако Микел Артета од Сити си отиде да биде тренер на Арсенал, Пеп Гвардиола му понудил на Компани да му стане помошник во стручниот штаб, но Белгиецот одбил и рекол дека до 2022 година до кога му важи договорот нема да заминува.

Во една сезона тој стана играч, тренер и инвеститор.

Венсан во 2017-та година магистрирал на реномираната Бизнис школа во Манчестер и стекнал титула MBA. Тој совршено зборува 4 јазици: француски, холандски, германски и англиски. На 24 години првпат основал компанија, пред пет години се изгорел кога отворил еден ресторан и изгубил околу 2 милиони фунти.

„Секогаш сум знаел дека образованието е најважна работа како што од детство ми зборуваше мајка ми. Мене ме интересира бизнис. А фудбалот е голем бизнис кој има големо влијание на социјалната сфера. За време на студирањето имав можност да ја следам фудбалската индустрија и да разберам како клубовите заработуваат“, вели Венсан.

Е сега уште од теорија во пракса да го примени и ќе биде добро.

9 јули 2020 - 12:22