Последен таков пример е ултра-талентираниот француски репрезентативец Адриен Рабио кој е нов фудбалер на Јуве.
Од 2009 година па наваму, Јувентус без грешка забоде во центар на трансфер пазарот. По ред без обештетување доаѓаа: Фабио Канаваро, Лука Тони, Андреа Пирло, Пол Погба, Никола Анелка, Лусио, Фернандо Љоренте, Сами Хедира, Дани Алвеш, Емре Џан, Арон Ремзи и сега Рабио.
КАКО МУ УСПЕВА НА ЈУВЕ?
Нема прост и едноставен одговор. Зад секој трансфер стоела сериозна работа иако не секој бесплатен трансфер беше совршен. На пример Анелка во Јувентус вкупно одигра 55 минути, а Лусио зажали брзо после доаѓањето во Торино зошто грееше клупа покрај „кланот ББК“.
По заминувањето на Бепе Марота во Интер, очигледно е дека не биле само лично негова заслуга овие трансфери (доказ се Арон Рамзи и Рабио).
Неговиот стил беше поинаков, тој купуваше не баш млади играчи за минимална сума (пример Тевез за 12 милиони и Барѕаљи за 270.000 евра). Марота наоѓаше играчи кои не биле доволно ценети во своите клубови и им нудел нов живот во Торино. Марота беше критикуван од навивачите што носи стари играчи а не им дава шанса на децата од академијата.
Во септември лани Марота јавно објави за несогласувања со Ањели, а во октомври замина во Интер за компензација од 723.550 евра.
ШТО Е РАБОТАТА СО РАБИО?
Адриен Рабио е специфична варијанта за кого не знаете дали може да го споредите со Андреа Пирло. Претседателот на ПСЖ, Насер Ел-Хелаифи преку Французинот покажа дека клубот ќе менува политика и дека нема веќе да толерира разгалени суперѕвезди.
Зошто разгалени?
- Во 2014 мајка му на Рабио (таа е и негов менаџер) јавно го критикуваше тогашниот тренер на ПСЖ Лоран Блан - била незадоволна што синот и не игра.
- Потоа се смири работата, а Рабио потпиша нов договор (го продолжи стариот кој истекуваше тоа лето).
- Но Рабио и мајка му не прекинаа да се жалат за играчкото време кое (не) му го даваа Блан, Унаи Емери а потоа и Томас Тухел.
- Во пролетта 2018 Рабио дознал дека е ставен на широкиот список репрезентативци за Светското 2018 (оние кои може да влетаат само во случај на повреда кај стандардните) и рекол дека во тој случај нека не сметаат на него ако е „златна резерва“.
- Во летото 2018 во ПСЖ се јавила Барселона која беше спремна да потпише со младиот талент, но фудбалерот од среден ред не доби дозвола од клубот да замине, а трансфер прозорецот за затвори.
- Во цела 2019-та година поради казна што јавно зборува против клубот и тренерите, Рабио ниту еднаш не се најде на клупата за резерви и тренираше на страна од првотимците. „Адриен е како во затвор“, се жалела мајка му Вероника во интервју за l'Equipe.
- После шокантниот пораз од Манчестер Јунајтед 2-3 и болното испаѓање од ЛШ, Рабио го лајкнал победничкиот пост на Патрис Евра (вечно вљубен во Јунајтед и Марсеј) и излегол во ноќен клуб. Управата на ПСЖ била бесна на ваквото понижување од свој играч.
На 30 јуни му истече договорот на Рабио со Пари Сен Жермен. И покрај проблемите во блиското минато, за Адриен се заинтересираа многу топ клубови меѓу кои Барса, Манчестер Јунајтед и Тотенхем.
Целата зделка во Јувентус оди бавно поради тоа што мајка му Вероника била тежок и незгоден преговарач која што користи ситуација дека за Рабио се заинтересирани и други гиганти.
Наводно условите кои таа ги ставила на маса во Торино се:
- 5 годишен договор;
- плата годишна од 7 милиони евра
- Комисија за мајка му за учество во трансферот од 10 милиони евра.
Сума сумарум, францускиот репрезнетативец би го чинел Јувентус 45 милиони евра што е огромна сума за играч кој цела година не видел зелен терен.
Во Јувентус повеќе пари заработува само Кристијано Роналдо кој во Торино зема 31 милион евра годишно со се бонуси. Волку висока годишна плата има и Паоло Дибала, а останатите помалку.
Инаку на една недела пред истекот на договорот на Рабио со ПСЖ, францускиот сајт Soccerlink објавил инсајдер дека Манчестер Јунајтед му нуди на Рабио годишна плата од 8 милиони евра годишно и бонус од 10 милиони за евентуални успешни настапи. Ниту еден британски сајт не ја потврди оваа сума, а можно е дека станува збор за притисок врз Јувентус што обично го прават агентите за да му ја кренат цената на играчот.
Но Рабио во моментов е во Торино и во секој момент треба да потпише договор и стане играч на Маурицио Сари.