Навивачите на Болоња на молитва за Михајловиќ

И една недела откако соопшти дека е болен од леукемија, Болоња е со мислите кон него. Велат: Синиша за Болоња, Болоња за Синиша.

Српскиот стратег очигледно многу го трогна градот откако ја одржа првата прес конференција во својот живот со солзи. Рече дека е болен од леукемија, но дека нема да се предаде и дека ќе се бори како за сè што се борел во животот.

Управата на клубот веднаш се произнесе дека целосно застанува зад него и дека ниту помислува да ја прекине соработката, без разлика што се работи за тешка болест.

Огромна почит кон него покажаа и навивачите кои во неделата наутро се собраа пред цркава „Al Santuario della Madonna di San Luca“, место кое важи за симбол за молитви на жителите на Болоња.

Иницијативата почна од Дон Масимо Вакети, а потоа веста дека ќе има молитвен собир за Синиша се рашири на социјалните мрежи. Порачаа дека сакаат да покажат солидарност и блискост за една од најтешките животни битки.

Меѓу луѓето можеше да се забележи и сопругата на Михајловиќ, Аријана, а се појавила и Викторија едно од петте нивни деца која на насобраните им рекла: Останав без зборови, фантастични сте.

„Потребна е помош од сите, но исто така и од една поголема сила. Молитвата е тивка, но ефикасна порака која им дава сила на луѓето“, рекол свештеникот.

22 јули 2019 - 12:06