Навивачите на белгиски Бриж секој меч без исклучок аплаудираат во 23-та минута

Во вторник во Лига на шампиони, покрај гиганти како Јувентус, Барселона, ПСЖ, Манчестер Јунајтед и Челси, ќе игра и белгискиот шампион Клуб Бриж кој лани направи некои супер резултати во елитата.

Утре вечер во Санкт Петербург ќе се сретнат Зенит и Клуб Бриж. Во составот на Белгијците нема да има дрес со број 23 кој повеќе години веќе е тргнат од употреба.

Последен пат бројот 23 го носеше Франсоа Стершел, права ѕвезда на белгискиот фудбал. Овој шпиц првпат блеснал во сезоната 2004/2005 кога постигнал дури 21 гол за тогашниот третолигаш Ауд Хеверле Левен и станал прв стрелец во лигата. Во плејофот постигнал уште 8 гола и го однел тимот во втора белгиска лига.

Неговиот раскошен талент прв го забележал тренерот на Шарлоа Џеки Матејсен. Центарфорот Франсоа Стершел играл една сезона во Шарлоа кај Матејсен а после преминал во Жерминал каде пак постигнал 21 гол и станал најдобар стрелец - но овојпат во најдобрата лига на земјата во сезоната 2006/2007.

По крајот на таа кампања, Стершел се вратил во прегратка кај тренерот Матејсен но сега во славниот и трофеен Клуб Бриж.

Во дебитантскиот меч за Бриж, Стершел постигнува два гола а до крајот на сезоната вкупно 11. Поради неговиот сјаен инстикт за гол, во 2007-ма дебитирал за репрезентацијата на Белгија за која одиграл вкупно 4 меча во квалификациите за Европско 2008 (тогаш Азар, Лукаку, Де Брујне и Куртоа уште биле мали деца).

Во тој момент кариерата на 26-годишниот Франсоа Стершел била на врвот, но се завршило на 8 мај 2008 година. Претходната ноќ центарфорот бил во посета на пријатели во Антверпен. Околу 3 часот после полноќ се враќал дома зад воланот во новото Порше. Од непознати причини изгубил контрола над воланот, се превртел во канал и се забил во дрва. Загинал на лице место, а пеплосаната кола ја потресла цела Беглија.

„ШЕФЕ ОД ДЕТЕ СОНУВАВ ЗА ОВАА КОЛА, ЌЕ ЈА ВОЗАМ КРАТКО ПА ЌЕ ЈА ПРОДАДАМ“

„Имавме преубав однос со Франсоа. Но кога слушнав дека купил Porsche Cayman, отидов да зборам со него. Не ми се виде тоа како најдобар избор. Многу играчи имаат коли во кои се подобро заштитени и не се толку брзи. А тој ми одговори: „Шефе, колава ми е сон од детство. Ќе ја возам пола година па ќе ја дадам. После ќе купам каква што имате вие и татко ми“. Секогаш ќе го памтам тоа. Беше уникатна личност. Беше толку симпатичен што не можеше да се гневите на него“, се сеќава Џеки Матејсен.

Четири дена по трагичната смрт на Стершел, Бриж играл дома против Вестерло. Играчите играле на терен покрај кој стоела голема фотографија на нивниот другар и соиграч, а 25.000 гледачи го виделе триумфот на нивната екипа од 4:0 низ солзи.

Од тој меч па наваму, во чест на Стершел, бројот 23 бил повлечен од употреба, а навивачите го пеат неговото име и аплаудираат силно во 23’ минута на секој домашен натпревар.

Во 2011-та година кон аплаузите се приклучиле и гостинските навивачи на Бирмингем за време на дуел од Лига Европа. Англиските навивачи му оддале почит на некогашниот најдобар центарфор во белгиската лига:

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

23. #YNWA

A post shared by Club Brugge (@clubbrugge) on

Актуелниот тренер на Бриж кој е шампион на Белгија, Филип Клеман е емотивно поврзан со Франсоа Стершел. Пред 12 години кога се случила трагедијата, тој играл заедно со него во Бриж.

„За мене аплаузите се почит кон Франсоа. Врска со него во тој момент. Тоа некогаш ми смета да се посветам на мечот, па некогаш аплаудирам пократко а некогаш цела една минута. Доколку не може да изгубите контрола, сè е добро“, вели Клеман.

А тренерот кој бил најзаслужен за развојот на Стершел, Матејсен сега е селектор на Белгија У-19. Но кога бил на стадионот на Бриж како противник со тимот кој го водел, секогаш аплаудирал. „Помислив дека е умесно да аплаудирам. Иако како тренер бев на другата страна“, рекол лани Матејсен.

 

19 октомври 2020 - 15:18