Првата сезона во Премиер лигата е 1992/1993. Шампион Манчестер Јунајтед и пласман во Лига на шампиони, Куп на УЕФА за Астон Вила и Норич, испаѓање во втора лига за Кристал Палас, Мидлсброу и Нотингем Форест.
Тоа е практично и сезоната во која се одиграл најнепосетениот натпревар во историјата на Премиер лигата. Се работи за средбата меѓу Вимблдон и Евертон на која се појавиле точно 3.036 гледачи, срамно и неповторливо за англискиот фудбал. Кај нас на ракомет ЛШ одат повеќе.
Еден од актерите на теренот бил Нил Ардли, тогашен играч, а сега актуелен тренер на Вимлбдон кој се натпреварува во Лига 1.
„Се сеќавам добро на тој меч. Во еден момент се свртив на една од празните трибини и видов само еден човек со куче, толку. Ми беше смешно кога ја видов таа слика. Бевме навикнати на малку публика, ама не до толку. Во просек имавме по 8.000-9.000 по натпревар. Имавме добри играчи и таков менталитет што не се грижевме што ќе кажат другите. Инаку Селхурст Парк успеавме да го наполниме само кога гостуваа големи клубови, па така против Манчестер Јунајтед доаѓаа 18.000 нивни навивачи, а наши имаше околу 8.000“.
Двоен стрелец за Евертон на тој меч бил Тони Коти кој сега работи како стручен коментатор и кој дури лани дознал дека тој меч одигран пред 25 години држи рекорд во Премиер лигата со најмалку гледачи.
„Не одиш на гостување за да броиш колку публика има, туку мислиш само на 3 бода. Во тоа време имаше разлики меѓу оние кои имаа и оние кои немаа. Сега има друго ниво на игра со помош финансиските инјекции кои ги добиваат клубовите. Сезоната 1992/1993 беше прва од тригодишниот договор со Скај. Големите пари се појавија на средина од 90-та и тоа беше она што навистина им помогна на помалите клубови“, вели Коти.
Куриозитет е што двајца играчи од оваа средба беа дел и од натпреварот со најмалку публика во историјата на стадионот Вембли. Тоа е мечот Англија – Чиле одигран во 1989-та на кој се појавиле 15.628 луѓе.
Хајлајтс од мечот на кој се гледа дека тоа е само старт на лигата, каде денеска клубовите делат колач за тв права тежок 5,1 милијарди фунти. Делот каде стојат голманите е со кал како на Силекс Кратово.