Нејмар, Иниеста и Пике беа меѓу ѕвездите кои го прекинаа денешниот тренинг на Барселона со едноминутно молчење за да му оддадат почит на Јохан Кројф кој почина пред пет дена од рак на 68 години.
Играчите, стручниот штаб и раководството на клубот потоа беа на комеморација за Кројф во просториите на Камп Ноу каде тој настапуваше во периодот меѓу 1973 и 1978 година, а потоа осум години им беше тренер.
„Кога зборуваш за Кројф тоа е како да зборуваш за фудбалот. Тој го направи фудбалот за забава и трофеи. Јохан ни остави фантастично наследно кое ќе продолжи. Секогаш ќе се сеќаваме на него“, изјави тренерот на Барселона, Луис Енрике.
Фудбалерите на Барселона напишаа пораки во книгата за сочуство, а дел од нив меѓу кои Меси и Суарез беа отсутни поради репрезентативни обврски.
На комеморацијата беше присутен и синот на Кројф, Жорди Кројф кој играше за Барселона и Манчестер Јунајтед, а стадионот од саботата е отворен и за навивачите. До сега околу 44.000 луѓе се поклонија пред местото каде пишува „Благодарам Јохан“.
Барселона во сабота игра Ел Класико, но тоа не е пречка да издвои време за првиот фудбалер кој успеа да освои три Златни топки по ред и кој освои титула со Барса во Ла Лига и како играч и како тренер.