Англичаните овие денови многу често ја користеа фразата „Давид го менува Голијат", но колку и да е точна, оваа реченица не ја раскажува целата приказна.
Мојс нема освоено ниту еден трофеј. Тој нема предводено тим по групна фаза во Лига на шампиони. Нема купено, ниту пак работено со фудбалер поскап од 35 милиони евра. Тој не знае како е да се брка титула во последните недели од сезоната, ниту пак какво е чувството да се брани предност на гостување во Милано. Дејвид Мојс не е познато име како Мурињо, Анчелоти, Гвардиола, Клоп, Конте...
Но, недостигот на пехари не значи дека тој е неуспешен тренер. Кога Мојс седна на клупата на Евертон во март 2002-та година, тие по трет пат во последните осум години водеа грчевита битка за опстанокт.
Во последните 11 години, Мојс не само што успеа да го задржи Евертон во Премиер лигата, туку го подина нивото на клубот на ниво што сега навивачите сметаат дека е неуспех ако не се пласираат во Европа.
Но сите забораваат дека со парите кои Мојс ги имаше на располагање, Евертон требаше секогаш да биде далеку од првите шест места во Премиер лигата. Тој работел паметно со средствата кои ги имал, но најважно од се е тоа што Мојс знае да работи со млади фудбалери. Токму тоа е една од филозофиите на Алекс Фергусон и работа на која другите клубови во Англија не и обрнуваат големо внимание. Токму тоа беше и една голема предност на Мојс во однос на Мурињо.
Мојс е најдобриот и најконстантниот тренер надвор од највисокиот ешалон во Англија. Тој произведува млади играчи и знае да идентификува врвен талент. На прашањето за неговиот тренерски стил, Мојс одговара со „сакам да победувам".
Дејвид Мојс во изминатите 11 години во Евертон работел со истата етика и филозофија како и Сер Алекс во Манчестер Јунајтед. Тие двајца се ист крој и токму затоа Фергусон лично го избра Мојс. Фергусон најдобро знае што има створено на Олд Трафорд во изминатите 27 години и на кого треба тоа да му го отстапи.