Највеселиот Ром во шпанска Примера, нема мобилен телефон, се оженил на 16 години

Фали Хименез е стопер, главен играч во одбраната на новиот шпански прволигаш Кадиз. Тој е еден од ретките кои се декларира како Ром во шпанскиот фудбал и вели дека е горд на своето минато. „Имам 26 години а се чувствувам како 35-годишен.

Додека траеше досадниот период без фудбал поради глобалната пандемија, најдобрите европски лиги бараа алтернативни решенија како да останат во форма: организираа хуманитарни турнири за видео игри на кои играа фудбалерите, а гледачите можеа да утепаат време во преносите од FIFA2020 на Сони Плејстејшн.

Во Шпанија имало турнир за играчи од Примера и Сегунда. Со коментар, со сè.

Победник на турнирот за второлигашите Trofeo Carranza de eSports станал одбранбениот играч на новиот прволигаш Кадиз, Рафаел Хименез Харке или скратено Фали Хименез. Тој во финалето ја победил Малага со 4:3 на FIFA2020.

Е сега најинтересниот момент е што Фали нема Сони Плејстејшн. Го позајмил од пријателот кој продава овошје во Кадиз и кој со задоволство прифатил да доигра за Фали Хименез (се запознале кога фудбалерот дошол во Кадиз).

„Многу слабо играм Play Station, го изгубив првиот меч и не дадов ниеден гол, многу се нервирав. Затоа последните натпревари за мене ги одигра тој (другарот што продава овошје“. 

ФАЛИ ХИМЕНЕЗ - НАЈВЕСЕЛИОТ РОМ ВО ШПАНСКИОТ ФУДБАЛ

Верувале или не Фали Хименез е прав чудак. Тој немал интернет дома, па за да учествува на турнирот во Play Station, користел вај-фај од комшијата.

Фали нема ниту мобилен телефон ниту профили на социјалните мрежи. Претседателот на Кадиз за него вика дека е луд

Стоперот ветил дека ќе купи мобилен телефон само ако даде гол против Марко Асенсио во финалето на Play Station турнирот (ѕвездата на Реал го освоил турнирот во Ла Лига).

Пред полуфиналето против Овиедо (3:2 за Фали), ќерка му го скршила екранот од телевизор со шутната топка.

ФАЛИ ИГРАЛ И ЗА БАРСЕЛОНА Б

Фали Хименез е дете на Леванте, но никогаш не заиграл за првиот тим на клубот од предградието на Валенсија. Затоа долго време играл во пониските лиги за Химнастик, Уракан Валенсија па дури и за Барселона Б.

Тоа што нема мобилен телефон, Фали го објаснува со фактот „јас сум Ром“.

Во Шпанија живеат околу 650.000 Роми, повеќе има само во Бразил и САД.

Некои од нив во Шпанија станале професионални фудбалери. Освен Фали Хименез, познати фудбалери кои се декларираат како Роми се уште и Антонин од Гранада и Хоакин Фернандез од Ваљадолид.

Самиот стопер на Кадиз вели:

„Нашиот живот е тежок, ние правиме сè порано од другите: одиме да работиме, се жениме. Јас сум оженет на 16 години, жена ми имаше 14 години. После една година станавме родители.

Луѓето ми викаат дека јас сум стар. Секако зошто толку многу сум издржал. На свои 26 години се чувствувам како 35-годишен“, вели Фали кој за неколку недели ќе ја почуствува дражта на Ла Лига против Реал, Барселона, Валенсија и другите гиганти.

Кога во 2015-та година Фали Хименез потпишал договор со Химнастик, тој побарал дел од парите однапред да му ги исплатат - за да можел да стигне до дома назад.

Но сега веќе живее поинаков живот. Во мај 2019-та преминал во Кадиз а во февруари годинава потпишал нов побогат договор до 2024-та.

„Сега жена ми нема да ме остави, како Ром добро заработувам“, се шегува Фали.

Кадиз се пласираше во Ла Лига како второпласиран во Сегунда. Тоа е најголем клупски успех во последните 14 години. Последен пат беа дел од елитната Ла Лига во 2006-та.

Останува уште Фали да си купи мобилен или да биде првиот играч во Ла Лига кој ќе живее „номадски“.

ЛУДАТА БАНДА ОД КАДИЗ ШТО ЌЕ ЈА НАПРАВИ ШПАНСКА ЛА ЛИГА ПОВЕСЕЛА