Според многумина, Андрес Иниеста беше мозокот на тој тим на Барселона во кој беа уште и Чави, Меси, Ето, Анри, Бускетц. Екипиште предводено од Пеп Гвардиола кое го играше најубавиот фудбал виден во историјата.
Андрес Иниеста се изнадава голови и намести уште повеќе во својата богата и трофејна кариера. Но сигурно највреден му е оној златниот: на 11-ти јули 2010-та во Јоханезбург, Јужна Африка, во финале на Светско првенство 2010 против Холандија во 116-та минута.
Гол кој на Шпанија ѝ донесе светско злато.
ТЕШКАТА ПРЕСЕЛБА ВО БАРСЕЛОНА
Андрес потекнува од школата на Албасете каде на 12 години го привлекол вниманието на скаутите од цела Шпанија. Неговите родители се познавале со тренер од младинската школа на Барселона, Енрике Ориазола а тој го поканил малиот да дојде во академијата на Барса, во легендарната Ла Масија.
Иниеста еднаш раскажал дека „плачел реки солзи“ кога го напуштил домот и своите родители и пријатели за да замине во Ла Масија.
Набрзо станал капитен на тимот до 15 години. Има интересна анегдота со Пеп Гвардиола кога го гледал првпат Иниеста како игра му рекол на Чави: „Вие ќе ме пензионирате. Гледај јас овој малиов (Иниеста) ќе не пензионира сите“.
РАДОМИР АНТИЌ ГО ВНЕЛ ВО ПРВ ТИМ
Познатиот српски тренер кој е еден од ретките кои ги водел и Барселона и Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, Радомир Антиќ на 29-ти октомври 2002-ра година го става во игра малиот Иниеста кој дебитира на официјален натпревар против Клуб Бриж на гости во Лига на шампиони (0:1 за Барселона) во групна фаза.
Андрес Иниеста тешко се бореше со конкуренцијата во екипата па затоа првиот гол за прв тим го даде дури две години подоцна по своето деби. Во 2004-та година под водство на Франк Рајкард во осминафинале на Куп на Кралот против Леванте. Иниеста во 3-та минута постигнал гол и го отворил патот до триумфот на Барса.
ПРВИОТ ГОЛ ВО ЛА ЛИГА
По дебитантскиот погодок во Куп на Кралот во 2004-та, Иниеста набрзо постигна прв гол и во шпанска Ла Лига. На стадионот „Хозе Зориља“ во Ваљадолид против истоимениот тим момците на Франк Рајкард тогаш славеа 1-3 а Иниеста даде еден од головите.
ПРВИОТ ГОЛ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ
По дебито за Барселона и дебитантските голови во Купот на Кралот и Ла Лига, следувал уште поголем предизвик: Лига на шампиони.
На 7-ми декември 2005-та година во осминафинале на Лига на шампиони Иниеста го постигнал својот прв погодок во елитното друштво на мечот против Удинезе. На асистенција на Езгуеро Иниеста дал гол за триумф.
ЛУДНИЦАТА НА „СТЕМФОРД БРИЏ“
Голчиштето на Иниеста против Челси на гости во време на најголемо и опасно ривалство меѓу овие два тима во Лига на шампиони важи за еден од најубавите погодоци. Го совлада Чех со мајсторски потег само нему својствен.
ГОЛОТ ЗА СВЕТСКО ЗЛАТО ПРОТИВ ХОЛАНДИЈА
Светското во Јужна Африка беше и остана запаметено по вувузелата, по чудната топка џабулани и по неверојатниот златен гол на Андрес Иниеста во финалето Шпанија - Холандија.
Во 116’ минута од продолженијата, Иниеста по едно додавање на Фабрегас постигна гол за лудо славје на Шпанците и светска титула. Андрес додека го славеше голот трчаше со кренат дрес под кој имаше маица со натпис во чест на неговиот добар другар Дани Јарке кој почина на сред терен како играч и капитен на Еспањол.
Ова беше прва светска шампионска титула на Шпанија во историјата:
ГОЛ ВО ФИНАЛЕ НА КОПА ДЕЛ РЕЈ 2018
Барселона во ова големо финале ја згроми Севиља со 5-0 а ова беше еден од последните настапи за големиот Андрес Иниеста во дресот на Барса. Тој го даде голот за 4-0 на додавање на Лео Меси. Голем триумф на Каталонците на стадионот „Ванда Метрополитано“.