Бајката на Казујоши Миура не знае за зборот крај. Поранешниот репрезентативец на Јапонија кој на 26. февруари ќе полни 55 години, потпишал договор со клубот Сузука Поинт Гетерс, клуб во четврта лига на Јапонија, чиј тренер е брат му Јасутоши Миура.
На тој начин, една од најголемите легенди на азискиот спорт ќе ја продолжи авантурата во фудбалскиот свет и ќе ја започне триесет и седмата сезона по ред во 15-ти различен клуб.
Казујоши Миура интересно играл и за бразилски Сантос на почетокот на својата кариера, а има настапи и за најстариот италијански прволигаш Џенова (21 натпревар и 1 гол). Во 1994-та година станал првиот јапонски фудбалер кој играл во Серија А и го трасираше патот на многу негови сонародници кои подоцна се прославија во Италија: Наката, Накамура, Нагамото и други.
Во неговата биографија има и настапи во Палмеираш, Коритиба, Динамо Загреб, Визел Кобе, Сиднеј итн.
Миура ќе игра во Поинт Гетерс како позајмен играч од Јокохама ФЦ каде настапуваше во последните 16 години (31 гол на 278 меча). Сезонава Јокохама испаднала во втора лига.
„Кралот Казу“ како што го викаат во Јапонија вели:
„Благодарен сум за можноста да играм тука и ќе дадам се од себе за да придонесам за клубот на теренот“.
Меѓу бројните рекорди на играчот најважни се дека е највозрасниот играч и стрелец на гол во јапонската прва лига. Стана и највозрасниот играч во Јапонија откако во март 2021-ва на 54 години и 12 дена играше за Јокохама.
Дресот на Јапонија го носел 89 пати и постигнал 55 гола со што е вториот најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на „самураите“. Во 1992 со Јапонија го освои и Купот на Азија.
Сега идолот на земјата на сонцето ќе продложи да игра и да ја збогати уште повеќе кариерата во која сонцето не заоѓа никогаш.