На сајтот на најголемиот трансфер инсајдер доктор Џанлука Ди Марцио се појави вест за постигнат договор меѓу високиот центарфор Лука Станковски и Монца.
Овој италијански второлигаш веќе неколку сезони го водат Силвио Берлускони (син му Паоло се води како претседател на клубот) и Галијани, а екипата после 23 одиграни кола е 3 на табела со 39 бода исто колку второпласираната Читадела и со сериозни шанси за пласман во Серија А.
За надарениот центарфор Лука Станковски (син на некогашниот шпиц Горан Станковски - Гама) биле заинтересирани европски гиганти како Наполи и Порто, а желба да го доведат во своите редови изразиле и ПСВ Ајндховен, Фенербахче, Црвена звезда и Динамо Загреб.
Посредник во целата приказна бил Звонимир Бобан кој до пред пар сезони беше во управата на Милан.
Наводно, пишува Ди Марцио, Бобан го советувал Галијани да обрнат внимание на младиот Станковски.
„Таткото на Лука разговарал со Бобан и побарал мислење. Му пратил и видео снимки од игрите на центарфорот. Бобан ги разгледал и сфатил дека е страшен талент зошто и покрај висината, брзо се движи и многу трча. Така почнало се.
Потоа Бобан му се јавил на Галијани и му рекол дека мора да го видат. Набрзо луѓето од Монца се вљубиле во Лука. Му се допаднал и на тренерот Кристијан Броки кој играше во Милан. Лука има само една маана, а тоа е дисциплината во игра, а каде ќе ја стекне ако не во Италија?“, пишува на сајтот на Ди Марцио кој за Македонецот вели дека е прав наследник на Сергеј Милинковиќ-Савиќ.
Доколку трансферот се реализира како што треба, Лука Станковски ќе биде шести македонски фудбалер во Италија по Елиф Елмас, Илија Несторовски, Горан Пандев, Леонард Жута и Бобан Николов.
Според Ди Марцио, трансферот е проценет на 800.000 евра колку што ќе инкасира скопски Работнички, клуб кој е извор на таленти и кој минатото лето за 900.000 евра го продаде младиот Давид Тошевски во руски Ростов.