Џиџи Буфон има 612 меча за Јувентус, 220 за Парма, а вечерва ќе стигне до 168 репрезентативни настапи. Дебитираше на 17 години на мечот Парма – Милан во ноември 1995-та и еве го на 39 години ниту се дава, ниту му паѓа формата.
Во неговата 22 годишна кариера играше со еден куп славни имиња од негов ранг и успеа да освои 7 Скудета, 3 италијански Купови, УЕФА Куп и Светско првенство со Италија во 2006-та. Беше финалист во Лига на шампиони во 2003-та и 2015-та, како и на ЕП 2012. Ова е идеалниот тим со кои играл:
ОДБРАНА: Лилиан Турам, Фабио Канаваро, Паоло Малдини и Џанлука Ѕамброта
Еден од столбовите во линијата веднаш пред Буфон беше Турам со кој играше и во Парма и во Јувентус. Тој заедно со Канаваро и Ѕамброта беа незаменливи во одбраната на Јувентус предводена од Фабио Капело.
По скандалот Калчополи во 2006-та, Турам и Ѕамброта заминаа во Барселона, а Канаваро во Реал Мадрид. Буфон остана во Јуве во Серија Б и следната сезона направи кам бек во прва лига.
Малдини играше со Буфон на Мундијалот 2002-та кога беа шокирани во осминафиналето од домаќинот Јужна Кореја. Малдини беше дел од Милан и кога го совладаа Јувентус на Олд Трафорд во финалето на ЛШ на пенали.
„Џиџи е на различно ниво од сите, никој не се споредува со него за тоа што го направил и што продолжува да го прави“, рече Канаваро за Буфон.
СРЕДЕН РЕД: Андреа Пирло, Алесандро Дел Пјеро, Павел Недвед и Франческо Тоти
Пред да му се приклучи Пирло на Јувентус во 2011-та, со Буфон играа заедно во Италија кога имаа 15 години, а потоа во Јуве заедно освоија четири Скудета.
Буфон го сруши рекордот на одиграни минути на Дел Пјеро во Јувентус во октомври 2015-та и јавно го одбрани својот пријател и колега кога во 2005-та беше обвинет за преувеличување повреда за да се ослободи од репрезентативните обврски.
Во 2001-ва истовремено со Буфон, во Јувентус пристигна и Павел Недвед со кој ги освоија титулите во 2002-ра и 2003-ра, а беа заедно и во Серија Б.
Буфон и Тоти немаат никогаш играно заедно на клупски план, но тие се почитуваат и имаат пријателство и од Серија А и од репрезентацијата со која заедно го славеа освојувањето на Мундијалот. Буфон дури и го повика Тоти да се приклучи на ЕП 2016 и покрај тоа што тој беше 10 години повлечен од репрезентација.
„За мене тој е единствен и можеби најдобар голман. Уживам кога го гледам како игра и тренира“, рече Пирло за Буфон.
НАПАД: Златан Ибрахимовиќ и Христо Стоичков
Со Златан играа заедно две сезони и ги освоија оние две Скудета во 2005-та и 2006-та кои потоа на Јувентус му беа одземени. Откако Фабио Капело го истурка Ибра на крило, тој си замина во Интер.
Иако бугарската легенда беше дел од Парма само една година, онаа првата на Буфон во сениорска конкуренција, Стоичков го третираше Буфон како помал брат, а овој го опиша него како шампион.