Разочарани од хулиганскиот статус кој го имале навивачите од Велика Британија, група на поддржувачи на репрезентацијата на Шкотска кои сакале да го подобрат имиџот на својата земја, кон крајот на 70-те години почнале да ги посетуваат натпреварите под името "Tartan Army". Резултатите биле веднаш видливи, а признанијата пристигнувале од сите страни.
Тартан Армијата беше прогласена за најдобра навивачка група на Европското првенство во 1992. година, а добија и посебна награда за добро однесување на Светското првенство во 1998. година.
А дека тие навистина се најдобри навивачи, можеше да се увери и Македонија во 2008. година кога преку 2000 Шкотланѓани го окупираа Скопје, но и другите градови од нашата земја.
Но освен забавата и навивањето, шкотските навивачи имаат и добротворна мисија во секоја земја која ја посетуваат. Преку својата организација Tartan Army Sunshune Appeal тие организираат бројни настани и акции на кои собираат средства кои подоцна ги донираат.
Како што ни изјави прганизаторот Крег Купер, при посетата на Македонија тие ќе ја организираат 46. последователна добротворна акција, а овој пат тие собраа 2.000 фунти кои ќе ги донираат на СОС Детското село во Скопје.