Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година со пораз од 4:2 го завршува деби настапот на Европските првенства. Португалија беше фаворит на овој дуел и тоа го докажа на терен, но не успеа да стигне до посакуваната висока победа за да влезе во комбинација за полуфинале.
Составот на Боби Милевски капитулираше уште во 2-та минута откако Едгар Ие со глава од корнер го отвори резултатот. 20 минути подоцна одличниот Брума ја измрда нашата одбрана и со голчиште од 20 метри го матираше Дамјан Шишковски.
Точка во првиот дел на сличен начин стави Енис Барди кој намали на 1:2. Македонија повторно падна во вториот дел и во 56 минута дозволи Португалците лесно да направат проигрување за 1:3.
Селекторот Милевски освежи со Елмас и Кире Марковски и токму десното крило на Работнички на 10 минути до крајот намали на 2:3. Конечните 2:4 ги постави двојниот стрелец Брума.
Македонија го завршува Европското првенство во Полска на последното место со еден бод освоен против Србија и гол разлика 4:11. Нашиот северен сосед е пред нас поради подобрата гол разлика, Португалија има 6 бода, а Шпанија е лидер со 9 бодови.