На трофејот во Бундеслига нема место за новиот шампион, чаре?

На 5 кола до крајот на германскиот шампионат, Баерн има +12 пред Дортмунд, што значи дека му преостанува уште математички да ја осигура титулата. Каде ќе се изгравира нивното име кога просторот на трофејот е полн со прваци?

Баварците ќе добијат нов шампионски трофеј на последниот натпревар од сезоната во Бундеслигата против Келн, закажан за 16 мај.

На стариот трофеј нема повеќе место за сите германски шампиони, па Германска фудбалска лига мораше да нарача проширување.

Кујунџија од Бремен го замени постоечкиот надворешен прстен со поголем, кој веројатно ќе обезбеди простор за следните 30 шампиони.

Недостатокот на простор не е ништо ново. Уште во 60-тите, внатрешните гравирани плочи беа зголемени од седум на десет линии. 

Првиот голем редизајн следеше во 1981 година со дополнителен сребрен прстен и пет нови скапоцени камења со вкупна тежина од 71,98 карати, поставени во злато, во вредност од околу 9.000 евра. 

Првиот клуб што ја подигна зголемената верзија во 1982 година е Хамбург.

Последното проширување се направи во 2009 година со пет поголеми гравирани плочи за дополнителни имиња. Новиот трофеј сега тежи повеќе од 11 килограми и има дијаметар од 56 см.

Трофејот ги носи имињата на сите германски шампиони од 1903 година (Лајпциг) вклучувајќи ја двојната гравура од 1922 година (Нирнберг и ХСВ) и празнината од 1904 година (шампионатот не се доигра). 

Шампионот го добива овој вид на трофеј од 1949 година. Тој ја замени статуата „Викторија“, која долго време беше изгубена по Втората светска војна и сега се наоѓа во Германскиот фудбалски музеј во Дортмунд. 

Оригиналниот шампионски трофеј, осигуран на 50.000 евра, е вечен трофеј, а репликите ги чуваат клубовите.

15 април 2026 - 13:43