На кој што му треба за да патува на Светско 2018?

Уште две кола нè делат до крајот на квалификациите за Мундијалот во Русија а после нив ќе се игра и ужасно тешкиот бараж во ноември, последно скалило на патот кон Светското. Скенираме на кој што му треба до крајот.

Европа:

Група А

Во оваа група ситуацијата е делумно јасна. На две кола пред крајот, Франција е прва со 17 бода, Шведска е втора со 16 а Холандија е трета со 13. Бугарите имаат 12 и уште се во игра макар за баражот.

На 7. октомври Франција гостува во Софија каде ќе треба да го одбрани првото место а во последното коло игра против Белорусија дома на 10. октомври кога и конечно би требало да го завери директниот пласман.

Кикс на „Триколорите“ чека Шведска која има лесен меч со Луксембург а потоа гостува кај Холандија во директен дуел за второто место кое води во баражот. Директен само под услов „Лалињата“ да го преживеат гостувањето во Белорусија сега во сабота. 

7. октомври (сабота):
Шведска - Луксембург 18:00
Бугарија - Франција 20:45
Белорусија - Холандија 20:45

10. октомври (вторник):
Франција - Белорусија 20:45
Холандија - Шведска 20:45

Група Б

Во групата Б Швајцарија долго време е неприкосновен лидер со 24 бода. Швајцарците се единствени кои ги имаат сите 8 победи на 8 меча. Но и покрај тоа ќе треба до крај да одиграат затоа што Португалија има три бода помалку а ги чека во последното коло во Лисабон.

Актуелниот шампион на Европа ги стартуваше квалификациите со пораз токму од Швајцарија а подоцна и двете селекции синхронизирано победуваа сè по ред. Со оглед на тоа што Португалија има далеку подобра гол разлика (+15) и ако на крајот ги победат Швајцарците ќе се израмнат по бројот на бодови, но Роналдо и другарите ќе бидат први поради подобрата гол-разлика и повеќето постигнати голови (трет критериум).

7. октомври:
18:00 Фарски Острови - Латвија
20:45 Андора - Португалија
20:45 Швајцарија - Унгарија
10. октомври:
20:45 Унгарија - Фарски Острови
20:45 Латвија - Андора
20:45 Португалија - Швајцарија

Група Ц

Во оваа група единствена интрига е колку бода на крајот ќе има Германија како прва. Досега имаат 24 а до крајот играат со Северна Ирска на гости и со Азербејџан дома.

Северно-Ирците се втори и сигурни во баражот.

5. октомври:
18:00 Азербејџан - Чешка
20:45 Северна Ирска - Геранија
20:45 Сан Марино - Норвешка
8 октомври:
20:45
Чешка - Сан Марино
Геранија - Азербејџан
Норвешка - Северна Ирска

Група Д

На прв поглед табелата изгледа дека борбата за прво место е отворена иако на Србија и треба 1 победа од последните 2 меча за сигурно да обезбеди пласман на Светското и практично да го реши патникот. Србите гостуваат кај Австрија која има некои теоретски шанси за баражот (ако Велс изгуби од Грузија а Ирска од Молдавија).

Велс и Ирска се борат сериозно за второто место коешто води во плејофот во ноември. Велшаните имаат 14 бода а Ирска 13. Во последното коло Велс ја пречекува Ирска во можеби директен дуел за баражот.

6. октомври:
18:00 Грузија - Велс
20:45 Австрија - Србија
20:45 Ирска - Молдавија
9. октомври:
20:45 Молдавија - Австрија
20:45 Србија - Грузија
20:45 Велс - Ирска

Група Е

3 репрезентации конкурираат за пласман на Светското 2018. Црногорците се втори со 16 бода колку што има и третата Данска, а Полска е прва со 19. На Црногорците им се погоди последните две кола да ги играат токму против најтешките ривали.

Во случај Црна Гора да ги совлада Данците во четврток, ќе се надева дека Полска во последното коло нема да има мотивација затоа што со триумф во Ерменија ќе биде на Светско. Црногорците имаат подобра гол-разлика од Данска па ако евентуално имаат исто бодови, Црна Гора оди во плејоф.

5. октомври:
18:00 Ерменија - Полска
20:45 Црна Гора - Данска
20:45 Романија - Казахстан
8. октомври:
18:00 Данска - Романија
18:00 Казахстан - Ерменија
18:00 Полска - Црна Гора

Група Ф

Англичаните се практично на Светско првенство. А за место во плејофот ќе се борат три репрезентации. Словенија прво гостува кај Англија, па на крајот ја пречекува Шкотска. Шкотланѓаните играат во директен дуел со Словачка која што е втора и има 15 бода, 1 повеќе од Словенија и Шкотска.

Во последното коло Словаците играат со малата Малта па ако го прегрмат тешкото гостување во Шкотска, ќе може да отвораат шампањско.

5. октомври
20:45 Англија - Словенија
20:45 Малта - Литванија
20:45 Шкотска - Словачка

8. октомври
18:00 Литванија - Англија
18:00 Словачка - Малта
18:00 Словенија - Шкотска

Група Г

Конечно стигнавме до нашата група каде Шпанија е прва со 22 бода и убедливо подобра гол-разлика од Италијанците.

Македонија во петок игра токму против Италија, во Торино а таму избраниците на Вентура ќе имаат императив победа за да го осигураат баражот. Шпанија игра против Албанија, така што нашите соседи речиси и да немаат што да бараат за плејофот иако Шпанците имаат право на една грешка.

6. октомври:
20:45 Италија - Македонија
20:45 Лихтенштајн - Израел
20:45 Шпанија - Албанија
9. октомври
20:45 Албанија - Италија
20:45 Македонија - Лихтенштајн
20:45 Израел - Шпанија

Група Х

Белгија, како и Русија и Германија веќе одамна е на Светското. Ќе и помогне ли тој податок на Босна и Херцеговина која ги чека „црвените ѓаволи“ дома со императив победа, ќе видиме. Паралелно Кипар ја чека Грција а Грците имаат еден бод помалку од Босна.

Во последното коло Грците ќе можат да ја билдаат гол-разликата против Гибралтар (само ако не им се случат Фарски Острови). Но судбината на второто место е во рацете на Белгија.

7. октомври:
18:00 БиХ - Белгија
18:00 Гибралтар - Естонија
18:00 Кипар - Грција
10. октомври:
20:45 Белгија - Кипар
20:45 Естонија - БиХ
20:45 Грција - Гибралтар

Група И

Најтешката група со 4 репрезентации кои конкурираат за пламан. Исто бодови имаат Хрватска и Исланд по 16, а исто имаат и Турција и Украина по 14. Најлесна задача во 9. коло ќе имаат Украинците кои гостуваат на Косово, а Хрватска ја пречекува Финска. Турција во директен дуел со Исланд би можела да се надева на евентуален бараж затоа што во последното коло гостува во Финска.

6. октомври
20:45 Хрватска - Финска
20:45 Косово - Украина
20:45 Турција - Исланд
9. октомври
20:45 Финска - Турција
20:45 Исланд - Косово
20:45 Украина - Хрватска

Јужна Америка

Парадоксално, победникот на Копа Америка и финалист на Купот на Конфедерации Чиле би можел да остане без Светско.

Од Јужна Америка 4 репрезентации одат директно а петтата игра во бараж.

Уште попоразително би било во случај Аргентина и Меси да не се изборат макар за бараж против скромниот Нов Зеланд, но како тргнале работиве, ќе мора многу да се испотат во последните 2.кола против Перу и против Еквадор.

5. октомври:
23:00 Боливија - Бразил
6. октомври:
00:00 Венецуела - Уругвај
6. октомври:
02:30 Аргентина - Перу
02:30 Чиле - Еквадор
02:30 Колумбија - Парагвај
11. октомври:
02:30 Бразил - Чиле
02:30 Еквадор - Аргентина
02:30 Перу - Колумбија
02:30 Уругвај - Боливија
02:30 Парагвај - Венецуела

Пласман на Мундијалот 2018 во моментов обезбедија 10 селекции:

Русија
Германија
Белгија
Бразил
Иран
Јужна Кореја
Јапонија
Саудиска Арабија
Мексико
Костарика

4 октомври 2017 - 15:44