
Белгија - Македонија конечни 0:0. Одличен резултат за нас, неповолен за Белгијците кои целеа на победа и превземање на тронот во групата.
Селекторот Боби Милевски се реши за целосно дефанзивна тактика, а таа слика најдобро ја отсликува статистиката која во целост е на страната на домаќинот.
Нецели 80% посед на топка и 25 удари од кои 5 во рамки на гол и неброени интервенции на Столе Димитриевски, кој е најзаслужен што Македонија остана непоразена.
Белгија постојано напаѓаше и играше „викторија“ пред нашиот гол, но Македонија фантастично се бранеше. Тоа беше слика во текот на сите 90 минути.
Избраниците на Руди Гарсија се обидуваа на сите начини да ја сместат топката во гол, со ниски и високи топки, со нафрлувања, но никако не успеаа да се израдуваат.
Македонија имаше поставено бедем пред голот, а Димитриевски спаси неколку чисти гола и се фрлаше како мачка.
Нашиот национален тим сега има 12 бода, Белгија 11, Велс 10, но и двата наши ривали имаат натпревар помалку. Во претпоследното коло, в понеделник од 20:45 го пречекуваме Казахстан.