ФУДБАЛСКА ГОДИНА СО ЕДЕН ПОРАЗ
2017-та година дефинитивно ќе биде запаметена како најуспешна за сениорскиот репрезентативен фудбал. Тоа го покажува извонредната статистика која кога ќе ја ѕирнете на прва ќе ви изгледа неверојатна и невозможна.
Селекцијата која март месец падна на најлошото 166-во место на рангот на ФИФА и која ја ругавме на секое рангирање, оваа календарска година бележи замислете само еден и единствен пораз. И тоа поразот ниту е висок, ниту е срамен, бидејќи е од велесилата Шпанија 1:2, на која Стефан Ристовски им го свирна како Роберто Карлос.
На сите други средби, Македонија остана непоразена. Во мундијалските квалификации ги совладавме на два пати Лихтенштајн (0:3 и 4:0) и Израел (0:1), а против Албанија дома и Италија на гости одигравме со идентични 1:1. На пријателските средби против Белорусија славевме 3:0, а со Турција одиграме без голови.
Сè на сè, нашиот национален тим ја има најуспешната резултатска година бидејќи претходно никогаш во историјата не успеал да остане само еднаш непоразен. Во 1994-та и 1998-ма имаше по два порази.
КВАЛИФИКАЦИИ КОИ ДОНЕСОА УБАВА ИГРА ЗА ОКО
По мечот со Лихтенштајн во Струмица селекторот Игор Ангеловски изјави:
„Пред квалификациите истакнав три цели: прво да се направи тим, да се направи препознатлива игра и што е можно повеќе да собереме бодови. Мислам дека според игрите не е реално бодовното салдо“.
Сите три цели на Мрме му се на место и што е најважно, првите две ги оствари.
Македонија играше фудбал против сите противници во овој квалификациски циклус и не ги собра заслужените бодови. Ама фудбал не како порано, кога човек се мачеше да ја гледа безидејноста на играчите од среден ред и кутрите напаѓачи кои не можеа голот да го погодат или воопшто не добиваа употребливи топки.
Ѕирнете ги резултатите од сите средби и ќе забележите дека Македонија постигнала минимум по еден гол на 9 од 10 квалификациски средби. Не успеаа да реализираат само против Шпанија на гости.
Тоа не се голови на шашма, туку изработени со игра по земја на која инсистира селекторот. Момците играат трпеливо и течно, повеќе ја нагазуваат топката, отколку што ја рогаат без потреба како некои нивни претходници. Акциите одат и преку модерните офанзивни крила, но и преку контри и полуконтри.
ИГРАТА НЕ МОЖЕ ДА НЕ ДОНЕСЕ РЕЗУЛТАТИ
Петтата позиција на табела се разбира дека не е задоволителна ниту за репрезентативниците, ниту за спортската јавност, туку таа стана кошмар во сите квалификации, но во овие за прв пат ја ставаме на игнор.
Според калкулациите, македонската репрезентација на следното рангирање на ФИФА ќе се најде на 85-та позиција, што е извонредно добар напредок ако се знае дека пред 8 месеци беше на двојно полоша позиција во друштво на тотални аутсајдери и фудбалски непознаници.
Поради тој напредок кој се должи на последните позитивни резултати, Македонија ќе биде носител во Д групата од новоформираната Лигата на нации која стартува во септември следната година. Тоа значи дека ќе добие три послабо рангирани противници во борбата за пласман на ЕП 2020.
За исполнување на сонот треба да завршат први во група низ шесте дуели дома/гости, а потоа преку полуфинале и финале со првопласираните три преостанати екипи од лигата да завршат како победници. (За потсетување Лигата на нации е составена од 4 лиги од по 4 групи и на Европско одат победниците на секоја лига).
МРМЕ ГИ БИРА НАЈДОБРИТЕ
Ако некој сака да му најде замерки на селекторот околу изборот на играчите, значи дека бара влакно во јајцето. Спојот на играчи кој го направи веројатно не може да биде подобар, особено што херојската младинска репрезентација полека ја претопува или ја претопи во сениори.
Тука е непроценливото искуство на капитенот Пандев кој го разигрува тимот, дели асистенции, а на мечот со Израел стигна и до 30-ти репрезентативен погодок. Несторгол изјави дека ќе го тераат да игра за репрезентација додека може да оди.
Навалната линија со него и со Несторовски, Трајковски, Тричковски, Алиоски, Хасани и повратникот Јаховиќ на кој одлично му оди во Турција, сигурно и натаму ќе претставува опасност за противниците.
Средниот ред е препороден или поточна со сосема поинаков лик. Тука се вардарецот Николов и неговиот довчерашен клупски колега Спировски, потоа специјалистот за слободни Барди, големата надеж Елмаз, повратникот Адеми.
Одбраната е исто така прилично нова и ветува поголема цврстина во иднина. Младината е составена од Муслиу, Велковски и Зајков кои добиваат помош од поискусните Стефан Ристовски и Кире Ристевски.
Можеби некое име заборавивме, но затоа тука е Мрме во кој веруваме дека по вистинскиот избор и препознатливата игра, ќе ги донесе и резултатите кои ги очекува македонската спортска јавност. Само напред.
Филип Нацоски