Израелскиот портал Ynet пишува дека двајца терористи поврзани со ИСИС од кои едниот е познат под воено име Абу Абдулах ал Косово и кој во последните години бил активен во Сирија и Ирак неодамна планирал серија бомбашки напади на Балканот.
Израелското биро за контра тероризам во вторникот рано изутрина објави предупредување и апелираше до Израелците да не патуваат на мечот од квалификациите за СП 2018 во Елбасан меѓу Албанија и Израел, откако четворица припадници на Исламската држава биле уапсени во Албанија.
Дуелот Албанија - Израел е од рамките на четврото коло во групата Г во која се наоѓа и Македонија. Од безбедносни причини мечот против Израел, Албанците го префрлиле од Скадар на стадионот во Елбасан.
Албанското МВР во меѓувреме објавило и дека околу 2.000 полициски службеници, припадници на специјалната единица “Ренеа“ и единицата за брза интервенција ќе го обезбедуваат вечерашниот дуел во Елбасан кој почнува од 20:45.
Во исто време Македонија ѝ гостува на Шпанија во Гранада, а Италија ќе игра во Лихтенштајн.
Изаелскиот разузнувач Ронен Соломон и влегол во траг на терористичката инфраструктура која што ја предводи Мухаџери од Косово кој првпат во Сирија заминал пред пет години, а претходно работел за НАТО во Авганистан.
Во септември и октомври годинава Мухаџери им дал инструкции за напади на регрутираните борци од Косово. На една снимка од 2013-та година, Мухаџери првпат се појавува во јавноста кога вели: „Ќе го освоиме Ерусалим, Евреи!“. Од август 2014-та Мухаџери е на листата на Интерпол поради терористички напади и припадност на ИСИС.