Модната ревија на која Шевченко ги импресионирал Џорџ Клуни и Бред Пит

Кога дошол во Милано во 1999-та, сè уште не бил свесен за тоа дека Италијанците најголемо внимание обрнуваат на модните трендови и дека тоа им е во крвта.

Шевченко е роден на 29 септември 1976 година во селото Дворковшина во Киевската област. Кога имал три години, семејството се преселило во Киев, поточоно во еден од новите реони на градот - Оболон.

Андреј има три години постара сестра Елена. Учел во средното школо 216 каде ги направил првите фудбалски чекори.

Во детството Шевченко бирал меѓу фудбал и хокеј, но во тоа време не било лесно да се најде соодветен покриен ниту отворен терен како денес. Интересно Андреј едно време кратко се занимавал и со бокс.

Тој не е дете на Динамо Киев како се мисли. Малиот Шева играл за локалниот клуб ЖЕК каде прв тренер му била жена, а на 12 години го забележал тренерот на младинската школа на Динамо Киев Александр Шпаков и го викнал да тренира кај нив.

Родителите не биле воодушевени од хобито на синот. Татко му Николај сакал Андреј да тргне по неговите стапки и да стане воено лице. Но Шева сакал само фудбалска топка. Тренерот Шпаков ги убедил родителите дека малиот има талент и дека треба да тренира.

Андреј почнал да игра во среден ред како помал.

ПРВИТЕ ЗНАЦИ ДЕКА ЌЕ СТАНЕ СЕРИОЗЕН ИГРАЧ И ГОЛЕМА ЅВЕЗДА

Откако во 1986-та пробал да се запише во фудбалска школа, но не му успеало, Шевченко ги привлекол скаутите на големиот клуб од главниот град и веќе било решено. Почнал да тренира во младинската школа на Динамо Киев.

Дебито за првиот тим го имал на 8 ноември 1994-та во Доњецк, против идниот хегемон во украинскиот фудбал - Шахтјор.

Маестралниот Шева блескаше во Динамо Киев. Постигна 106 гола, освои 5 шампионски титули и 3 Купа на Украина. Во сезоната 98/99 стана најдобар стрелец.

Се прослави и во Лигата на шампиони со клубот од главниот град на Украина со кој ја размонтираа Барселона на гости со 0-4, меч на кој Андреј постигна хет-трик! Ваквиот тек на кариерата го заинтересира Милан, чиј спортски сектор реши по секоја цена да го доведе во Италија.

Кога потпишал со Милан, во Милано живеел сам, без родителите и почнал да учи италијански така што ја читал книгата „Тројцата мускетари“.

Уште од старт станал најблизок со Мауро Тасоти, долгогодишниот помошник тренер во Милан и денес негов помошник во репрезентацијата на Украина со која се пласираа на Европското 2021.

Шевченко е љубител и на голфот како спорт. Тој дури и направил свадба на голф терен. Со својата жена првпат се запознал на една ревија на Армани чиј модел беше и самиот Андреј. Подоцна жена му играла голема улога за неговиот трансфер во Челси и преселбата во Лондон.

Во Челси Мурињо еднаш го нарече „принц“ и дека за такви кои малку тренираат нема место во неговиот тим. Андреј се врати во Украина со цел да стекне форма за Европското 2012 и на 36 години беше појак шпиц од другите.

МОДНАТА РЕВИЈА НА КОЈА ГИ ИМПРЕСИОНИРАЛ БРЕД ПИТ И ЏОРЏ КЛУНИ

Најомилениот фудбалер на многу навивачи на Милан пред доаѓањето во Милано бил далеку од модата, но модната метропола го сменила неговиот начин на облекување. Во секојдневниот живот се облекувал спортски а пред натпреварите доаѓал во костуми од Tom Ford, Armani или Dolce&Gbana.

Како фудбалска икона на Милано, Шевченко редовно ги посетувал и модните настани. Се спријателил и со Џорџо Армани.

„Еден од најголемите квалитети кои треба да ги стекнеш во Италија се вкусот и умешноста на правилно облекување. Италијанците многу обрнуваат внимание на тоа. Модата не им е само својствена на Италијанците, таа им е во крвта“, рекол Шевченко во интервју за Дмитриј Гордон.

Младиот Шева живеел во познатиот Квартал на модата - трговска населба со најголемите луксузни брендови меѓу кои и Armani. Со модниот креатор Шевченко се запознал во 2000-та година (Андреј дебитираше за Милан во 1999-та) и брзо се спријателиле.

НА ПОЧЕТОКОТ НА 2000-ТЕ ШЕВА СТАНАЛ МОДЕЛ НА АРМАНИ И ОДЕЛ ПО ПИСТА ПРЕД ЅВЕЗДИТЕ ОД ХОЛИВУД

Еден од најинтересните моменти од дружбата на Џорџо и Андеј бил настапот на Шевченко на Неделата на машката мода во Милано во 2001.

„Тоа спонтано се случи. Кога ми се јавија со предлог, одговорив: 'Зошто да не? Може да пробаме'. На овој настан дошле Џорџ Клуни, Бред Пит, Џенифер Анистон, Самуел Л. Џексон, Ешли Џад и Едриен Броди. Тешко беше. На подиумот е лизгаво па цело време мислев да не паднам. Освен новинари имаше и многу интересни луѓе: Шон Конери, Бред Пит, Џорџ Клуни. Организаторите направија убава презентација. Мислам дека се испадна добро, и мене дури ми беше интересно“.

Италијанскиот новинар Енцо Катанија во книгата „Андреј Шевченко - ѓаволот од Истокот“ (прекарот на Милан е il diavolo) во книгата го раскажал овој настан:

„Шева! Шева! Шева!, овации како на стадион. Влезот на моделот беше нов и неочекуван па публиката во салата кога го виде Андреј Шевченко кој како искусен манекен чекореше по дваесетметарската писта пред Бред Пит и Џорџ Клуни, почна да аплаудира“.

Некој тогаш го прашал Армани: „Сигурни сте дека со таков необичен пример никој нема да го запомни костимот кој он го демонстрира? А кралот на стилистите одговорил: „Јас истото се прашував. Но како е можно да се откажеме од така необичен човек кој стана прав пример за многу луѓе и икона за толку многу жени“?

Шевченко добил пофалби и од Бред Пит и од Клуни.

Во јуни 2002 година Армани претставил нова колекција во Москва. Ја демонстрирале 50 руски модели и Андреј Шевченко.

ОТВОРИЛ БУТИК НА ARMANI ВО КИЕВ

Во Киев Шевченко и Џорџо Армани го отвориле бутикот Armani Collezioni, микс линија меѓу Armani Prive, Giorgio Armani, Armani Jeans, Emporio Armani.

Бутикот во Киев бил 320 квадратни метри со машка и женска гардероба.

СВОЈАТА СОПРУГА ЈА ЗАПОЗНАЛ НА ВЕЧЕРА КАЈ АРМАНИ, СЕ ОЖЕНИЛЕ ЗА 10 МИНУТИ НА ГОЛФ ТЕРЕН

Во 2002 година, после една модна ревија, Џорџо Армани го поканил Шевченко на коктел. Таму Украинецот ја приметил американската манекенка Кирстен Пазик. Таа веќе неколку години работела во Италија добро се познавала со Пјеро Силвио, син на тогашниот сопственик и премиер на Италија Силиво Берлускони.

Шевченко не пристапил прв, девојката го направила првиот чекор.

„Одамна навивам за Милан, права тифоза сум. Вечерта не можев да оддолеам пред искушението лично да му честитам на Шевченко за одличните партии“, рекла Кирстен подоцна во заедничко интервју со Украинецот.

Се земале во 2004-та година а церемонијата не траела повеќе од 10 минути и се одржала на терен за голф. Медиумите пишувале за свадбата после една недела.

„Ни јас ни сопругата не сакавме големи церемонии. Со татко ѝ игравме голф, а после дојдоа Кирстен, мајка и, матичар и се венчавме“, раскажал еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња.

Парот има четири сина.

Во 2000-те години тие двајца често оделе на настаните на Армани. Во 2006-та година например присуствуваа на отворање на најголемиот бутик Armani Casa во Лондон. Тогаш Андреј и Кристен ја посетиле и Лондонската недела на модата. Друштво им правеле Франк Лампард и шпанската моделка Елен Ривас.

Од 15. јули 2016 миленикот на секој навивач на Милан е селектор на Укранија која што ја води со голем успех. На 14. октомври 2019 година Украинците се пласираа на Европското првенство 2021 година и сега ги чека нова авантура со нивниот учител.