Многу ветуваа, а малку остварија

Откако Реал Мадрид во јануари го купи вундеркиндот Мартин Одегард, се потсетивме на неколку фудбалери кои тешко се носеа со товарот „новиот Пеле" или „новиот Роналдо". Немаа среќа или немаа сила да го издржат притисокот?

РАЈАН БАБЕЛ

Холанѓаните отсекогаш биле познати по квалитетните офанзивни крила, каков што беше младинецот од академијата на Ајакс, за кој Ливерпул одвои 11,5 милиони фунти. Бабел имаше 21 година кога во 2007-ма стигна на Енфилд Роуд. Зад себе имаше две титули во холандското првенство и злато на ЕП У-21 во 2007. година.

И покрај тоа што даде два незаборавни гола во победата на Ливерпул на Олд Трафорд 4:1 против Јунајтед, Бабел никогаш не ги достигна очекувањата и постојано паѓаше во форма. Четири години подоцна, Ливерпул го загуби трпението со него и го прати на позајмица во 1899 Хофенхајм, каде Бабел исто малку покажа. Од 2013. година игра во турската Кашимпаша.
 
КЛЕБЕРСОН

Со купувањето на Бразилецот во 2003. година, Манчестер Јунајтед докажа дека ако земете играч кој освоил златен медал на Светско првенство, не значи дека сте направиле полн погодок. Младиот играч за врска уживаше во тандем со Жилберто Силва во Бразил кога кариоките го освоија Мундијалот во 2002. година, но проблемот беше што Јунајтед го купи една година подоцна и очекуваше од него да заигра исто така добро, без партнер во средниот ред.
 
Клеберсон се повреди на вториот натпревар за Манчестер Јунајтед и настапи само на 20 натпревари во двете неславни години на Олд Трафорд.
 
ЕЛ ХАЏИ ДИУФ

Диуф беше уште еден фудбалер кој блесна на СП 2002. година, кога беше инспиратор на неверојатното 1/4 финале за дебитантот Сенегал (Диуф претходно ѝ даде гол на Франција претходно). Напаѓачот доби место во најдобриот состав на првенството, така што трансферот во Ливерпул истото лето му беше круна.
 
Сепак, Диуф не се снајде на Енфилд Роуд и даде само три голови на 69 средби во сите натпреварувања за црвените. По две години Ливерпул го позајми во Болтон, кој подоцна го откупи договорот со Сенегалецот.
 
РОБИЊО

Малиот Бразилец го сврте вниманието кон себе од целата европска елита, по трите фантастични години во Сантос. Го најавуваа како новиот Пеле, наследник на Пеле, но кога дојде во 2005. година во Реал Мадрид, не покажа ништо од својот потенцијал.
 
Три години подоцна, во 2008. Робињо покажа дел од раскошниот потенцијал во Манчестер Сити. Напаѓачот играше одлично во првите неколку недели на Етихад, но како доаѓаше зимата, тренерот Марк Хјус му даваше сè помалку шанса. Остана запаметена песната за него „Може ли да одигра подобро во студената вечер во Стоук“? Носталгијата го врати во сончевиот Бразил, каде игра и денес.
 
ЏО КОЛ

Секој навивач на Англија го памети евроголот на Џо Кол во 2006. година на Светското првенство во Германија. Дојде во Челси со епитетот на најголем талент на островскиот фудбал. За него Стивен Џерард во 2010. година изјави:
 
„Меси може да прави чуда, но сè што тој ќе направи, може да направи и Џо Кол, ако не и подобро од него. На тренинг со голф топче прави нешта, што некои фудбалери со топка не можат да ги направат“. Кол од Челси замина за Ливерпул, каде играше само на 26 натпревари во три години на Енфлид. Црвените го позајмија во Лил, а потоа Џо Кол стигна во неговиот матичен клуб, Вест Хем како слободен играч.
 
И дефинитивно не е подобар од Меси.
 
ГАИЗКА МЕНДИЕТА

Во 2001. година, Мендиета беше најзаслужен што Валенсија играше во финалето од Лигата на шампионите. Тогаш Мендиета беше прогласен за најкомплетниот млад фудбалер во Европа. Во тоа време, мега-богатиот Лацио даде 48 милиони евра за шпанската супер ѕвезда.
 
Сепак, Мендиета во Рим беше во сенка на Хуан Себастијан Верон и Павел Недвед, кои оставија голем траг во Лацио пред да заминат. Лацио го позајми во Барселона, а последните пет години од кариерата, Мендиета ги помина во Мидлсброу.
 
ФРЕДИ АДУ

Американецот е на сите листи на кои се опишуваат пропаднати таленти. Ако Фреди Аду го исполнеше тоа што му го предвидуваа како 14-годишно чудо од дете, денес ќе имаше 600 постигнати голови, пехар од ЛШ и финале на СП со САД.
 
И Аду го доби прекарот новиот Пеле во 2005. година, кога го прогласија за најталентираниот млад фудбалер на светот. Сепак, во неговото си-ви останаа само две сјајни сезони во ДС Јунајтед, сè после тоа беше големо разочарување. Почна со неуспешната проба во Манчестер Јунајтед, па следеа очајни обиди да ја врати кариерата во Бенфика, Монако, Белененсес, Арис, Ризеспор, Филаделфија, Бахија и Јагодина.
 
Жално за Аду е што има 25 години а неговата траекторија во кариерата изгледа како да има 35 години.
11 февруари 2015 - 12:51