ФК Вардар денеска одржа прес конференција со новиот тренер Александар Васоски и спортскиот директор Ѓоко Хаџиевски.
Портпаролот на клубот Мијалче Дургутов на крајот им даде збор на двајцата доајени во спортското новинарство, Атанас Костовски и Миодраг Мицковиќ да поентираат за клубот со коментар по нивна желба.
„Во Вардар сум цел живот како навивач, новинар, портпарол, претседател. Првите канцеларии на Вардар се во Офицерски дом. Значи гледате ли какво место имал Вардар? Во најрепрезентативната зграда во Скопје, Вардар имаше свои простории. Бидејќи селекторите на десната и левата трибина немаат ништо заедничко во поглед на Македонија, знаете на кого се обраќам, ги замолувам да имаат барем малку љубов, разбирање и исти погледи за Вардар. Зошто очигледно кај нас, да не речам Македонците, нема ни еколог, нема ни дрим тим, а ги нема ниту во финансиска кондиција како порано Трифун Костовски и покојниот Слободан Вујчиќ Брацо.
Мислам дека оваа млада гарнитура на Комити со ветераните кои на некој начин ќе бидат силна поддршка, со искуство и со знаење, може Вардар да се врати. Акцијата што ја правите е добродојдена. Од сè срце посакувам колегите новинари многу повеќе да го сакаат Вардар“, рече 85 годишниот Костовски кој долги години беше коментатор на МТВ.
Миодраг Мицковиќ кој одбележа четиридецениска кариера во весникот Нова Македонија, се присети на неговиот прв ангажман поврзан со Вардар, а тоа е финале во Белград одиграно пред 60 години.
„Како новинар растев и се афирмирав со Вардар. Првиот натпревар за кој собирав изјави беше Куп натпреварот во 1961-ва кога Вардар го победи Вартекс во Белград. 40 години го следев Вардар професионално додека работев во Нова Македонија. Нема стадион во Југославија на кој не сум отпатувал со Вардар. Беа едно фудбалско семејство. Што да кажам сега? Јас не познавам ниту еден играч на Вардар. Нема терен, нема помошно игралиште. И да сакам некого да прашам, нема на кого да се обратам. Им се дивам на оваа група што сака да му помогне и треба да му помогне на клубот. Многу тешко ќе ви биде.
Вардар мора да се стабилизира финансиски. Ова што даваат општини по 10 илјади евра е политичка реклама, тие пари не го спасуваат Вардар. Треба да застане градот или некоја јака фирма. Вардар моментално нема тим за прва лига и ќе биде многу тешко да остане во лига ако не се засили. Би било уште една трагедија ако пак испадне во втора лига. Многу ми е жал до каде дојде Вардар, јас тренинг не сум пропуштал. Доаѓаа по 2.000 души да го гледаат на помошно игралиште. И не можам да сфатам кој му дозволи на Самсоненко да го купи помошното игралиште? Тоа е на Вардар. И Градски стадион е на Вардар“, рече Мицковиќ.
4.000 сезонски карти за Вардар и исчекување на 10 милиони денари од Град Скопје