Ѓоко Хаџиевски и Александар Васовски се појавија на првата прес конференција откако ги наследија местата на спортскиот директор Александар Бајевски и тренерот Бобан Грнчаров.
Се работи за две многу добро познати имиња, Хаџиевски како најтрофеен тренер со Вардар со дури пет титули (1993, 1994, 1995, 2002 и 2003) и Васовски коj како играч два пати се радуваше во првенството под водство на Ѓоко, а потоа ги играше и незаборавните дуели во квалификациите од ЛШ против Спартак Москва и Спарта Прага.
„Огромна чест и задоволство ми е што се вратив во клубот кој ми дал многу во кариерата и чувствував одговорност да помогнам сега кога е најтешко. За жал не беше издржливо да се работи после таа освоена титула пред неколку години, и сега се враќам и се надевам дека Вардар ќе заплива во помирни води. Ќе гледаме да се издигнеме, нема време за ништо, ако успееме да донесеме уште некој фудбалер добро. Јас сум среќен што работам со овие момци и сите заедно ќе помогнеме за подобар пласман на табелата до крајот на есенскиот дел. Целта е да избориме опстанок и евентуално да се обидеме да излеземе во Европа преку освојувањето на Купот. Со оглед на ситуацијата, не сакаме да летаме многу високо“, изјави Васоски.
68 годишниот Хаџиевски кој тренерската кариера ја почна во Пелистер, а потоа преку Вардар, ЦСКА Софија, Војводина, Силекс и селекцијата на Македонија, направи меѓународна кариера во Јапонија, Азербејџан и арапските земји, рече дека доаѓа да помогне волонтерски.
„Доаѓам во Вардар од љубов кон клубот. Иако во целата моја кариера која е повеќе од 35 години, сум бил на чело на повеќе од 10 клуба во многу земји, ако треба да помислам кое е моето место каде би се вратил тоа секако е клупата на Вардар. Мојата функција е волонтерска и сакам да помогнам на клубот со целото мое срце во секој поглед. Кога сите кренаа раце од Вардар, Комитите покажаа дека тие искрено го сакаат и го спасуваат македонскиот бренд“, рече новиот спортски директор.
Што се однесува до помошта, институциите и натаму се глуви, а премал е одзивот и на скопјани, бидејќи само 4.000 луѓе во нецели два месеци купиле сезонски карти по цена од 1.000 денари. Плус 3.000 се дадени како компензација.
Тоа значи дека Вардар во моментов има финансиска помош од навивачите и симпатизерите во износ од 4 милиони денари (65.000 евра). Со распродаден Градски би добил вкупно околу 536.000 евра.
„Од 28 јуни немаме одговор од ПУИГ, УЈП, секретаријат на Влада, премиерот... Никој не ни одговара. Не сакаме никого да прозиваме, сакаме само да ги мотивираме да се одважат и да почне институционално да се решава проблемот. Распределбата на ветените средства од Град Скопје Вардар ќе ги добие, но мора да помине уште една седница на советот. Се работи за сума од десетина милиони денари, кои што ќе му помогнат на Вардар да профункционира нормално до крајот на годинава. Вардар не треба да зависи од политички гарнитури и треба да живее секогаш. Ќе побараме и од Град Скопје и од скопските општини да биде Вардар внесевен во статутот“, рече претставникот на Комити, Милорад Миленковски.
Миленковски истакна дека ФК Вардар е во целосно владение на Комити како преодно решение и дека се подготвени да го предадат на институции и големи компании кои ќе пронајдат интерес да влезат и да формираат Управен одбор кој ќе гарантира успеси.
На денешната прес конференција беше кажано дека се води борба Вардар да се врати со тренинзи на своето препознатливо игралиште до Градски стадион и дека се прави консолидација на младинската школа предводена од Бобан Бабунски и Марјан Герасимовски.
Сите младински категории ќе тренираат на теренот до Јане Сандански во Аеродром, а името на фудбалската школа го врати и името Кирил Симоновски Џина.