Милевски: Извлекувањето во Цирих ни носи надеж

Селекторот на македонската фудбалска рeпрезентација, Благоја Милевски ја искоментира квалификациската група за СП 2026. Фактите за Казахстан говорат друго.

Милевски е оптимист после ждрепката во Цирих и смета дека групата е надежна за нашиот национален тим.

За него е важно фудбалерите да го задржат истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации.

Македонија се падна во групата Ј со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.

„Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман.  Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.

Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин. 

Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата. 

За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување”, вели Милевски.

Селекторот очигледно не е добро информиран во врска со Казахстан, бидејќи токму на последните квалификации за ЕП 2024 изненадија со дури 18 бода.

Казахстан ја заврши групата со 6 победи и доби два натпревари против фаворитски селекции и тоа и двете со пресврт.

Најпрвин Данска која ја победи дома после негатива од 0:2 до 73 минута, а потоа Финска на гости од која губеше 0:1 до 77 минута.

Тоа значи дека и покрај тоа што доаѓа од четвртиот шешир, Македонија и Милевски ќе мора многу да внимаваат и на дуелите со селекцијата на Казахстан, инаку 110-та на рангот на ФИФА со која немаме до сега играно квалификациски средби.

13 декември 2024 - 13:51