Го викаат Мистер Б, а правото име му е Би Тичаубол. Доаѓа од Тајланд и во интервју за весникот „Бангкок Пост“ открил дека му понудил една милијарда евра на Милан за мнозинство од акциите на клубот. Тичаубол во интервјуто уште и додава дека му гарантирал на Милан дека нема намера целосно да ги откупи акциите и дека целата зделка може да се заврши до крајот на февруари.
Сепак, Фининвест, компанијата во сопственост на Силвио Берлускони и неговото семејство ја одбила понудата, под образложение дека не сакаат да продаваат мнозинство акции.
„Неколку страни покажаа интерес за партернство, но не постојат никакви конкретни разговори, средби, ниту договори за зделка“, стои во соопштението на Фининвест.
Веројатно оваа одлука на Силвио Берлускони, да не ја прифати понудата уште повеќе ќе ги разгневи навивачите на Милан, кои пред извесно време побараа клубот да биде финансиски освежен и да почне да носи квалитетни играчи, а не „отпад“ од конкурентите.
Милан во моментов заостанува 24 бодови зад лидерот Јувентус, на 15. кола до крајот на сезоната во Серија А.