„Ако игра вака нема да му го олесни животот на Леао“, се пошегува изминатово лето тренерот на Милан Рубен Аморим на прашање за младиот дебитант Алфаџо Сисе (роден во Тревизо, 2006-та) по голот во победата 4:2 против Манчестер Јунајтед на подготовките.
Овие зборови набрзо почнаа да попримаат конкретен облик.
Рафаел Леао за рекорден трансфер од 50 милиони евра отиде во Галатасарај, а малиот Алфаџо Сисе кој во зимскиот преоден рок во јануари годинава пристигна од нисколигашот Катанѕаро за 8 милиони евра, се избори за место во првиот тим на Милан.

„Постоеше можност да одам на позајмица, но тренерот ми даде шанса да покажам што умеам на теренот, а јас успеав да ја искористам. Останувањето овде е фантастично. Милан е еден од најголемите клубови на светот“, рекол Алфаџо Сисе летово.
И младиот 19-годишен фудбалер со потекло од Африка докажува од натпревар во натпревар дека знае да ја користи шансата.
Стана и репрезентативец на Италија У-21 и може да се пофали дека е најдобар стрелец на Милан, со пет голови на седум натпревари (одигра 360 минути). Постигна гол на отворањето на новата сезона во Серија А (1-2 победа против Торино) а после и против Јувентус во ремито 1:1.
Cisse ⭐️💫 #JuveMilan #SerieAEnilive https://t.co/KsufMM88ry
— Lega Serie A (@SerieA) September 7, 2026
Esordio da sogno per Cissè 🔴⚫️ https://t.co/QcsvjejuXu
— Lega Serie A (@SerieA) August 24, 2026
„За мене ова е единствено чувство. Не можев ниту да сонувам дека ќе дадам гол на своето деби“, рекол малиот Алфаџо кој игра крилен напаѓач или центарфор, а може и како полушпиц зад напаѓачите.
„Го обожавам, но се надевам дека нема да ме слушне како зборувам за него зошто тоа би можело да му се удри во глава“, се пошегувал тренерот Аморим.
СЕРИОЗНО СТАНУВА ЛИДЕР НА МИЛАН
Со неговиот хет-трик против незгодниот Ред Бул Салцбург во Австрија каде Милан победи 0-4 во Лига Европа, Алфаџо Сисе влегува во нова димензија.
Стана најмладиот италијански фудблаер (19 години и 358 дена) кој постигнал три гола во Европа. Претходно рекордот го држеа Николо Тресолди (уште еден млад Италијанец но тој игра за Германија У-21) кој на 22 години и 54 имаше хет-трик и тоа против Интер среде „Џузепе Меаца“ во Лига на шампиони и Алесандро Дел Пјеро на времето (на 23 години и 144 дена).
На вечната листа најмлади стрелци на хет-трик а кои не се Италијанци се Жоао Феликс кој на 19 години и 152 дена даде 3 гола и Марко Пјаца (на 19 години и 219 дена).

Алфаџо Сисе можеше да постигне уште некој гол но Рубен Аморим реши да го одмори и го извади од игра во 60' минута.
„Тој ништо не ми должи. Со својот труд заслужува место во екипата. Може да биде многу ескплозивен. Има големо срце, но се уште може многу да напредува - како на тренинзи, така и на натпревари. Постојат сегменти на кои треба да работи, а поседува голем потенцијал“, вели Аморим за новата ѕвезда на Милан на кој никој не се надеваше дека ќе блесне вака рано.
Фабио Капело исто така искористи прилика пред камерите во студио да му честита но и да му упати блага критика, корисна:
„Не е лесно да се постигнат три гола во Европа, но те гледав за време на натпреварот и неколку пати кога ја имаше топката во ногата, додаваше наназад наместо напред. Немој да ја усвоиш таа лоша навика. Немој да ми се лутиш, зошто верувам во тебе!“
Алфа како што го викаат соиграчите, го намалува значајот на тоа што во моментов е најдобар стрелец на Милан. „Тоа е во втор план. Најважно беше да победиме и ние успеавме во тоа“, вели Сисе кој се сноаѓа одлично и на позиција „деветка“, иако најчесто настапува како полушпиц или крилен напаѓач.

„Во Италија У-21 играв во самиот напад. Тоа е искуство кое го носам со себе, а и моето движење на теренот донекаде тоа го одразува“.
Иако поради младоста го споредуваат со Ламин Јамал, Алфа Сисе има друг идол: „Одам по својот пат. Секако имам амбиција да го достигнам нивото на Јамал. Но инспирацијата ја црпам од Меси а додека играше во Јувентус многу ми се допаѓаше Погба - гледам по нешто во себе од него, во некои движење и гестови“, вели малиот Алфаџо Сисе.
Некогашниот играч на Милан Масимо Амброзини изнел интересна споредба во емисијата „Cronache di Spogliatoio“: „Физички ме потсеќа на Робињо. Ги држи стоплата прилично раширени а и стилот на шут потсеќа на него, дури и носи ист број на дресот како него. Од техничка страна Робињо беше неверојатно моќен, покриваше голем дел од теренот и поседуваше исклучителен талент“.
Alphadjo Cisse
И уште еден поранешен фудбалер на Милан, Алберто Аквилани кој го знае уште подобро од Амброзини зошто го тренираше малиот Алфаџо лани во Катанѕаро вели. „Од првиот ден кога го видов минатата година, веднаш знаев дека е поинаков. Поседува исклучителни квалитети - технички, физички и ментални. Дури и звукот на топката беше подруг кога ќе ја примеше: веднаш го приметивме тоа. Ова сега воопшто не ме изненадува зошто гледам огромен потенцијал во него“.
The youngest Italian ever to score a hat-trick in a European competition 🇮🇹 https://t.co/gDVtq0L9R1
— AC Milan (@acmilan) October 15, 2026
Сите негови досегашни тренери го делат тоа мислење:
„Алфаџо Сисе во Серија А игра баш како што игра на игралиште со другарите - без никаков притисок. Неверојатно е како се прилагодува на различни нивоа: кај нас беше три години помлад од соиграчите а делуваше како најголем. Тој прави работи кои другите не ги можат, и има додавања и движења многу пред другите“, вели Паоло Самарко уште еден поранешен фудбалер на Милан кој е тренер на младите категории во Верона.
Фудбалската судбина сакала Алфаџо Сисе да заврши во Милан иако ПСВ Ајндховен бил готово и цврсто решен да го донесе во Холандија. Дури и пратиле приватен авион по него во Италија откако се договориле со луѓето од Верона. Но Росонерите ја зголемиле понудата.
„Мојата одлука практично веќе беше донесена (да оди во ПСВ). Но кога стигнав во Милан веднаш го сменив мислењето! Изборот на овој клуб беше лесна одлука“, вели Алфа.
Тој има потекло од Гвинеја од каде што се неговите родители, но истакнува дека знае кого сака да претставува.
„Јас сум 100% Италијанец. Роден сум во Тревизо, овде сум пораснат. Да се слуша химната на Мамели додека го носам дресот на репрезентацијата ми претставува неверојатно чувство. Во минатото на терен трпев и расистички навреди, но мојот најдобар одговор беше тишината, напорниот труд и головите. Да се носи аѕурниот дрес на Италија за мене претставува најголемо задоволство“, вели Алфа Сисе, новата ѕвезда на италијанскиот фудбал.