Михајловиќ: Вие го знаете Иво Андриќ?

Tемата за Ана Франк сè уште е жешка во Италија, а се отвори и на прес конференцијата по мечот Фиорентина - Торино, на која српскиот стратег повторно беше во главна улога, овој пат со контра реплика.

Синиша Михајловиќ беше предмет на потсмев бидејќи изјави дека не чита весници и не знае која е Ана Франк, девојчето кое стана познато по своите дневници за време на холокаустот и кое ултраси на Лацио го злоупотребија ставајќи слики од него на навивачната трибина на Рома.
 
Синоќа на терените во 10. коло од Серија А имаше акција насловена како „Сите сме Ана Франк“, а Михајловиќ зборуваше повторно за истата тема во обид да се извади за тоа што во јавноста беше протолкувано како гаф од негова страна.
„Ана Франк? Треба да ми дадете 3 минути за да ви одговорам, инаку повторно ќе се направат полемики. Не го разбрав ниту прашањето, ниту контекстот. Не сум го прочитал дневникот на Ана Франк. Ми поставија прашање за Белоти, па за Ана Франк. Не го разбрав прашањето и немав потреба да полемизирам, а сега ќе ве прашам дали знаете кој е Иво Андриќ?
Новинарот: Не!
Михајловиќ: Тој е добитник на нобелова награда за литература. Ние го читавме него, а вие Ана Франк. Јас сум против расизмот, а тој го гледаме секоја недела на стадионите.
На српскиот стратег сега многу поважно му е да се врати повредениот Белоти на терен, отколку да полемизира со новинари на други теми, бидејќи Торино е во криза и веќе 5 кола е без победа во италијанскиот фудбалски шампионат.
26 октомври 2017 - 11:26