Михајловиќ: Со оваа болест си го проширив семејството

Стандардно на неколку дена пред католички Божиќ, клубовите организираат забава, чисто колку заедно да го одбележат празникот. Онаа на Болоња мина во знакот на Синиша Михајловиќ кој ја имаше најтешката година во животот.

После неколку месечна битка со леукемијата, Синиша конечно излезе од болница каде не го држеше место и седна на клупата на која од време од време се појавуваше кога ќе добиеше дозвола од лекарите.

Доби огромна поддршка од сите, раководство, играчи, навивачи, од цел град кој се молеше за неговото здравје. Не знаеше како да им се заблагодари, а вечерва повторно ги погоди со убави зборови, а и истера малку мајтап во свој стил.

„Има моменти во животот кога работите не одат добро и мислиш дека си сам во една темнина. Тогаш сфаќаш дека силата можеш да ја пронајдеш само во семејство. Јас со оваа болест го проширив моето семејство, бидејќи љубовта што ја почувствував од човек на човек беше нешто извонредно. Се почувствував како дел од семејство, како син, брат и тоа не можам никогаш да го заборавам. Честитки, среќен Божиќ, среќна нова година со надеж дека следна ќе успееме да ја подобриме 10-тата позиција. Тоа зависи и од претседателот“, на што пукна од смеа цела сала.

 

18 декември 2019 - 09:53