Михајловиќ опуштен и храбар, разговараше со играчите од болничка соба

„Физички нема да бидам присутен, ама со мислите сум постојано со вас. Еднаш го поминавме ова заедно и пак ќе го поминеме. Немам сомнеж во тоа. Таков е животот. Тој не е права линија, туку има кривини, падови, подеми и неочекувани дупки во кои можеш да паднеш и треба да бидеш силен да станеш“.

Пред мечот Милан – Болоња на семафорот на Сан Сиро се појави порака:

„Напред Синиша, фамилијата росонери е со тебе“.

Домаќините всушност покажаа респект и му посакаа брзо заздравување на српскиот стратег и поранешен тренер на Милан, кој по втор пат се бори со леукемија.

По мечот на кој Болоња освои бод против лидерот на табела кој гризе за Скудето, Михајловиќ им се јавил на видео порака за да им честита. Бил горд и пресреќен.

Само неколку дена пред мечот, тој го собра тимот на видео повик на кој зборува во негов стил. Прво опуштено со низа зафрканции:

Михајловиќ: Како сте дечки?

Добри.

Михајловиќ: Некои се добри, а некои не, зборувам за тие што играа за репрезентација. Мати?

Добар сум.

Михајловиќ: А тој позади тебе добар е?

Уште е пијан тој.

Михајловиќ: Кај к.р ќе одиме ако е голманот пијан? Па можеби е добро што се опијанил, бидејќи Светско првенство не е за секој. Инаку жал ми е за тие што не се пласираа на Мундијалот, а среќен сум за тие што успеаа.

Потоа настапи храбро и јуначки како вистински борец, каков што е и во душа:

„Ве викнав да ви кажам дека физички нема да бидам присутен, ама со мислите сум постојано со вас. Од болничката соба ги гледам сите тренинзи и сум во постојана комуникација со стручниот штаб. Ќе се борам заедно со вас, а сигурен сум дека и вие кога ќе излезете на терен ќе се борите малку и за мене. Еднаш го поминавме ова заедно и пак ќе го поминеме. Немам сомнеж во тоа. Таков е животот. Тој не е права линија, туку има кривини, падови, подеми и неочекувани дупки во кои можеш да падне и треба да бидеш силен да станеш“.

„Кога се појавуваат проблеми има две патишта по кои се оди. Едниот е деструктивен со жалење, губење самодоверба, страв, предавање, а вториот е поконструктивен во кои треба да се гледа позитивната страна на работите. Јас сум сега во соба три на три, добро можеби е сега малку поголема, ќе ви ја покажам подоцна, но оваа ситуација ми е моментална. Јас имам самодоверба и знам дека пак ќе ја победам оваа болест. Имам доверба во докторите. Работите ги гледам на позитивен начин и не сум загрижен. Знам дека ќе ја победам и сите треба да бидеме обединети“.

„За што и да имате потребна, јас сум ви секогаш на располагање. Ако имам нешто да ви кажам индивидуално или на сите, ќе се договориме пак да се слушнеме. Најважно е никој од нас да не се предава. Јас не се предавам во оваа соба, а вие не треба да се предавате во тренинг базата, на Ренато Дал Aра, на гостински терен. Знам дека сме во тешка ситуација со резултати, ама не и со игрите“.

А потоа им ја покажа собата и пак ја сврте на штос.

„Тука треба да запишувам по колку мочам и во колку часот. Чисто да знаете, дневно мочам по шест литри.

Инаку во Милано гостувањето не е баш лесно. Имаат поддршка од 60.000, ама треба да одиме таму и да им играме како што знаеме ние. Резултатот е отворен, нема да им биде лесно ниту на нив. Само напред и храбро момци“.

 
5 април 2022 - 13:29