Во последните месеци Месут Озил е пример за неодговорно однесување: скандалозно ја напушти репрезентацијата, ги игнорирал повиците на селекторот Лев, не стои добро ниту со Унаи Емери.
За поведението на Месут зборувале многумина од германскиот фудбал, а меѓу нив и Норберт Елгерт - тренер на младинците на Шалке (U-19) каде на времето играл и Озил:
„Месут не ми заѕвони ни пред, ни откако замина од репрезентацијата. Ако позборував со него, се ќе беше поинаку“, рекол Норберт.
Таквата самоувереност не ги чудела оние кои знаат дека Елгерт е еден од главните и најблиски луѓе во животот на Месут Озил.
****
Норберт Елгерт е еден од најдобрите младински тренери во Германија.
Во ’70-те години играл за Шалке но повредите му го спречиле развојот на кариерата: лекарите му советувале да прекине со фудбал, но Норберт толку ја сакал оваа игра што 15 години настапувал во пониските лиги.
Од 1996 година е тренер на Шалке У-19 и редовно спрема нови талентирани момци за првиот тим. Тој ги открил Хеведес, Нојер, Матип, Колашинац, Дракслер, Сане и многу други. Еден од талентите кои Норберт ги открил е и Тило Керер кој летово премина во ПСЖ за 37 милиони евра!
Но најголема трага од сите негови „деца“ оставил Месут Озил.
Благодарение на Норберт, Озил стасал во академијата на Шалке. Пред Норберт да стане тренер на младинците, Озил четири пати доаѓал на проба но не ја проаѓал: иако бил најдобар, во школата бирале други деца.
Родителите на Месут не сомневале дека причината за одбивање било неговото турско потекло: „Тие не го одбраа Месут, а бираа Матиас, Маркус или Михаел“.
После овој настан Озил не сакал да слушне ништо за Шалке, но Елгерт низ разговор го преубедил. Тој неколку пати се сретнал со Месут и татко му и не само што го вратил Озил туку и им ветил: во екипата никој нема да се однесува со Месут како претходно кога му спомнувале турски корени.
Озил го избрал Шалке и одбил професионален договор од клубот Рот-Вајс Есен кој му нудел 4.000 евра месечно! Но Месут не зажалил никогаш: на 17 години заиграл за младинците на Шалке и неверојатно се развил.
Од Норберт учел за тактика и научил како да игра во одбрана: „Додека не почнав да работам со него, трчав по теренот к’о мува без глава“, признава Месут.
****
Но најголемите совети од Елгерт, Месут не ги добил само на теренот. Неговиот основен принцип е не само да ги тренира фудбал туку и да ги воспитува: „Тренер не е само за техника и тактика. Тој мора да ги учи да уважуваат, да почитуваат, да бидат чесни, трпеливи“, вели тренерот на Шалке У-19.
Еднаш младинците на Шалке отпатувале во Билербек на подготовки и се сместиле во многу луксузен хотел. За фудбалерите тоа било ново нешто и неверојатно уживале.
Елгерт ги набљудувал преку ден а една вечер свикал состанок и објавил: „Искрено да ви кажам, вам ќе ви беше доволен и младински хостел. Ниеден играч од У-19 нема потреба од ваков раскош. Дојдовме тука за да ви покажам што може да има во вашите кариери. Како добро може да живеете ако работите напорно. Сакам правилно да го сфатите нашиот гест. Да бидете дружељубиви кон персоналот. Не сакам да слушнам од вработените дека сте надмени, арогантни и недружељубиви. Бидете скромни. Фудбалско достигнување не е поголемо од докторско, новинарско или од хигиеничарите.“
Класичен метод на работа на Норберт е личен разговор со играчот за да ги дознае неговите животни цели.
Кога сфатил дека Озил мечтае да игра за Реал или Барса, тренерот му ја објаснил важноста на развојот на кариерата преку пример од популарно германско тв шоу:
„Си гледал ли DeutschlandsuchtdenSuperstar (Германија бара Суперѕвезда), Месут? Еден добар настап и луѓето веќе те зборуваат по светот. Еднаш ќе се пробијат и мислат дека се најдобри од сите. Но во нивниот успех нема фундамент на разумност кој дава подолг ефект. Затоа го советувам секој играч да се качува полека по скалилото на успехот. Што побрзо стигнеш во орбитата, уште побрзо ќе паднеш од неа“.
****
Озил за Херберт раскажувал дека не е само одличен педагог туку и добар мотиватор.
Во 2006 година Шалке У-19 под негово раководство стигнал до полуфинале на германското првенство. Во тој состав играле Озил и Ралф Ферман но првиот меч го изгубиле 2:0 од Херта.
Пред реваншот Елгерт почуствувал дека треба да ги смири играчите и направил мошне интересен перформанс. Влегол во соблекувалната и со себе влечел огромен златен тег. Го ставил во средина на соблекувалната и рекол:
„Ќе ви раскажам една анегдота. На времето бев фитнес-инструктор и учествував на шампионатот на Германија во фитнес. Турнирот беше во петобој кој вклучува кревање тежина, скокање преку клупа, стомачни вежби, склекови и тримутно возење тежок велосипед. Имаше 50 учесници. Само десетте најдобри одат во финале. Јас бев единаесетти и додека висев на траката мислев: ’Не можам веќе.’ Рацете ми гореа а умот ми велеше: ’Издржи. Другите се подобри од тебе.’ Се борев со својот внатрешен глас. Постојано се убедував: „Не се предавај. Никогаш! Издржи! И можев да кренам уште еден пат и уште еднаш и уште еднаш. Му удрив клоца на копилето внатре во мене“, им рекол Елгерт а играчите внимателно слушале. - Погодете кое место освоив?, удрил со лакот еден играч. - Второ? - Не. Победив! Ги победив сите!“
Овие зборови го смениле расположението на играчите: „После тој говор не можевме да изгубиме. Се чуствував јак како бик, брз како гепард, совршен како Зинедин Зидан“, се сеќава Озил на настанот.
Мотивациониот говор помогнал: Шалке У19 со 3:0 ја совладал Херта У19 и влегол во финале. А таму ги чекал моќниот Баерн предводен од Матс Хумелс и Сандро Вагнер. Пред мечот Елгерт приметил дека тие се во грч и смислил нова идеја.
Играчите направиле 15-метарски круг, еден од нив стоел на средина во центарот и морал да фати некој од кругот за да излезе. Од страна целото дејство изгледало лудо како играчите да сакаат да повредат некој свој соиграч.
Но тоа само ги мотивирало и развеселило и Шалке на крајот го победил Баерн со 2:1 и станал шампион на Германија. Периодот поминат со Норберт Елгерт бил најдобар во кариерата на Озил. Тој вели дека научил многу за животот од него: „Елгерт беше клучна фигура во мојата кариера. Тој виде во мене нешто што другите не го забележуваа.“
Месут редовно оди во Гелзенкирхен кај своите и често се гледа со Елгерт.
Негови деца се: Ханке, Дракслер, Сане, Мајер, Колашинац, Хеведес, Матип, Керер, Бениш - денес сите големи ѕвези на германскиот и европски фудбал.
Интересно, чудата на Норберт ги препознале и другите клубови па како што обично бива во Германија, Баерн Минхен прв застанал во редот за него кога имале криза со младинската школа (последен пат биле младински прваци во 2006-та).
Но Норберт им одговорил во свој стил: „Јас сум искален во печките на Гелзенкирхен, во длабочината на рудниците овде. Го сакам ова место и никаде не одам.“