Ме викаат корејскиот Меси, а јас сакам да бидам Ли Синг Ву

По суспензијата од ФИФА, чудото од Јужна Кореа цели три години не настапуваше за Барселона. Сепак тоа не го спречи да се врати и да почне да покажува зошто го сметаат за легитимен наследник на Лионел Меси.

8 мај 2013. година. Јуниорите на Барселона до 15 години ги делеше само една победа од титулата. На 18 минути пред крајот од мечот против Гава, Карлес Алења реализираше пенал и на Блауграна У15 и ја донесе долгочекуваната титула во првенството.
 
Кадравиот, црнокос Алења тргна кон трибините да ја прослави победата. Но не кај родителите и навивачите, туку кон својот другар Ли Синг Ву кого неколку месеци претходно ФИФА го суспендираше од настапи за Барселона. И покрај суспензијата, корејското чудо од дете дента ја славеше заслужената победа на Барселона со соиграчите. Да, затоа што тоа беше негова победа.
 

Кога во летото 2010-та репрезентацијата на Јужна Кореа У12 била на турнирот «Danone Nations Cup» во Јужна Африка, многу светски клубови се заинтересираа за малиот Ли.
 
Неговата репрезентација не стигна до плејофот, но левокрилниот напаѓач со 12 голови беше најдобар стрелец на турнирот. Врвна техника, неочекуван дриблинг и можност брзо да смени позиција на теренот, запишале скаутите за Ли во нотесите. Ли набрзо станал најдобриот играч и стрелец во младинското првенство на Јужна Кореја, а наградата за тоа му ја врачил најдобриот азиски играч на ХХ век, легендарниот Ча Бом Гин. Таква привилегија досега имал само Парк Џи Сун.
 

На турнирот во Ј. Африла бил и шефот на скаутинг службата на Барселона, Алберто Пуч. Тој лично отпатувал во Сувон и се сретнал со родителите на малиот Ли. За понатамошен развој на перспективниот напаѓач му бил потребен не само клуб, туку и нешто повеќе. Затоа ја одбрале Барселона, поточно Ла Масиа школата од која излегоа Гвардиола, Пујол, Иниеста, Пике, Меси, Бускетц, Чави и другите ѕвезди.

Облечен во опремата на Барса, Ли побрзо го изградил сопствениот стил на леснотија со која ги поминува своите противници. Ја разбиваше противничката одбрана и постигна 39 голови на 29 меча за тимот на Барселона до 13 години. Со тоа го сруши рекордот на Меси.

„Овој играч не е како останатите. Добро е што и покрај тоа што сите зборуваат во суперлативи за него, тој останува на земја", вели тренерот на У15 на Барселона.

Корејското чудо од дете сфатило дека прекарот „Меси од Кореа" нема волшебно преку ноќ да го направи голем играч. Да, тој ги урна рекордите на Меси од младинските категории, но во моментов тоа е само дел од неговата фудбалска биографија во создавање. Биографија која сега почнува да се пишува.

„Голема чест е што ме нарекуваат корејскиот Меси, но јас сакам да бидам Ли Син Ву.", изјавил во интервју за клупскиот канал.

Меси дебитираше за Барса на 17 години, 3 месеци и 22 дена. Ли сега има 18 години и на Камп Ноу најчесто доаѓа како гледач. Но постои сериозна причина поради која азискиот драгон престана со прогресот. Во 2013. година ФИФА ја санкционираше Барселона поради тоа што нелегално преговарала и потпишувала договори со малолетни фудбалери во нејзината фудбалска академија.

Светската фудбалска унија го отстранила Ли и уште осуммина млади легионери (тука и сонародник на Ли од Кореа) од настапите за Барса додека не наполнат 18 години. Поради тоа ФИФА ја казни Барса да не може да регистрира играчи во два преодни рока (Арда Туран...)

Ако не била поддршката од националниот тим, брзиот развој на Ли драматично ќе опаднел.

ФИФА му дозволила на младиот напаѓач да игра за својата земја а тој со неа успеал да го одржи ритамот на натпревари. Играњето за Кореја му овозможило да се фокусира на развојот. Со репрезентацијата на Јужна Кореја до 16 години, во септември 2014. година се пласирал во финалето на Купот на Азија каде загубиле во големото дерби против Кина. Ли не го освоил Купот, но дома се вратил со наградата за најдобар играч на турнирот.

Следната година, на Мундијалот за играчи до 17 години во Чиле, Кореја не стигна далеку, Ли не даде ниту еден гол, но им помогна на своите соиграчи да завршат први во тешка група со Бразил, Англија и Гвниеја. Победата над Бразил беше една од најголемите во кариерата на младиот Ли.

По 1098 дена суспензија тој стекна право на настап во Барселона. На својот роденден 6. јануари фудбалерот објави видео во кое изрази задоволство што наскоро се враќа на теренот. Тренерот на Барселона У19, Габри Гарсија го викнал во екипата. Габри е поранешен член на Ла Масиа кој во почетокот на 2000'-та година одигра 128 меча за првиот тим на Барса.

Во првиот меч после враќањето, Ли не остави голем впечаток и Барса одигра 0-0 против Корнеља. Сите од клубот му го дале потребното време за адаптација. Ли во моментов е член на Барса Б, екипа која лани имаше турбулентна сезона и испадна од втората шпанска лига Сегунда во трета лига.

Младиот Кореец имал многу понуди за да ја смени средината, но татко му вели дека од Реал Мадрид не добиле никакви гаранции дека ќе игра првотимски фудбал и дека син му сакал да остане единствено во Барселона. Договорот на Ли вреди 3 милиони евра и вклучува клаузула за автоматско зголемување на 12 милиони евра кога Ли ќе заигра за првиот тим на Барса. Но тој претходно мора да се докаже во У19 тимот (Хувенил) и во Барса Б.

Според рејтингот на Газета дело Спорт, Ли во моментов е во ТОП 50 играчи на светот до 20 години. Со него на листата се и Хрватот Ален Халиловиќ и Антонио Санабрио од Барселона.