Масар Омерагиќ е нов претседател на ФФМ, Горан Пандев спортски директор на националните селекции

Фудбалската федерација на Македонија го одржа вонредното изборно генерално Собрание. Прифатена е оставката на досегашниот претседател Муамед Сејдини и претставена е новата раководна структура на куќата на фудбалот.

По завршувањето на Вонредно изборно генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ одржа состанок со членовите на Управниот одбор.

На предлог на Омерагиќ, членовите на Управниот одбор на ФФМ го избраа Марјан Стојкоски од ОФС Прилеп за потпретседател на ФФМ кој доаѓа на местото на Лазар Ракиџиев.

На позицијата генерален секретар, Наталиа Илиевска Божиновска, ќе ја замени Дрилог Ганиу.

Како што и се најавуваше, во ФФМ влегува и нашата фудбалска икона Горан Пандев, кој е назначен за спортски директор на сите национални селекции.

Втората легенда, а воедно и поранешен европски првак е Илија Најдоски, кој заедно со Агим Ибраими ќе бидат советници во кабинетот на претседателот на ФФМ.

„Трпение, упорност и многу жртвувања! И јас сум еден од вас, човек од фудбалот. Знам како треба и знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија.

Фудбалот е тимска работа и поединец не може сам. Како и на теренот, треба многу трчање, работа и пот за да се стигне до победата. Таков е фудбалот во кој се паметат само победите и успесите, а таква е и претседателската работа во федерацијата.

Заедно ќе се радуваме на успесите, заедно ќе тагуваме во поразите. Ова е спорт во кој нема денес за утре, ова е спорт кој бара напорна работа и многу добар тим за да се постигне целта, изјави Масар Омерагиќ кој е седми претседател на ФФМ од осамостојувањето на Македонија.

Тој сподели неколку точки на кои ќе работи: Враќање на легендите во структурите на ФФМ, фудбал за секое дете, регуларно првенство, враќање на публиката на теренот и силни клубови, спонзор на Лигата, спонзор за судиската организација, обединување околу националните селекции, чесност, чист образ и транспарентност.

22 декември 2024 - 13:48