Манчестер Јунајтед по 20 пат на тронот на Англија

Најтрофејниот фудбалски клуб во Премиер лигата, екипата на Манчестер Јунајтед, ја освои јубилејната 20-та титула. „Црвените ѓаволи" ја потврдија моменталната доминација во англискиот фудбал обезбедувајќи ја титулата на 4 кола пред крајот на сезоната со победата над Астон Вила.

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед ја осигураа победата уште по првото полувреме кога имаа големо водство со хет-трикот на Робин ван Перси за 33 минути.

Славјето започна уште по само 82 секунди кога Рајан Гигс го проигра Ван Перси и тој одблизу ја затресе мрежата.

Во 13-та минута Ван Перси го зголеми водството со волеј удар и еден од најувавите погодоци оваа сезона, а по 33 минути игра по уште една асистенција од Гигс, тој веќе го реализираше и својот хет-трик.

По долгиот пост без голови, Ван Перси сега го презеде и лидерското место на листата на стрелци со 24 погодоци, пред Суарез кој има 23.

Манчестер Јунајтед има 84 поени, 16 поевеќе од минатогодишниот шампион Манчестер Сити, со што „црвените ѓаволи“ и математички ја обезбедија титулата. Ова е 13-та шампионска титула за Манчестер Јунајтедво ерата на Алекс Фергусон.

Ако победат на сите преостанати натпревари до крајот на сезоната, фудбалерите на Манчестер Јунајтед можат да го срушат и рекордот на Челси од сезоната 2004/2005 кога тие ја освоија титулата со 95 поени.

22 април 2013 - 22:50