Малиот Падерборн и новиот Клоп

Клубот кој игра на еден од најмалите стадиони во врвните германски лиги, а опремата ја чува во гаража, успеа да се пласира во Бундеслигата, а еден од најзаслужните е нивниот млад тренер со напаѓачка филозофија.

Малиот Падерборн следната сезона ќе им се приклучи на големите момци од Бундеслигата откако завршија на втората позиција со победата од 2:1 над Ален во последното коло од втората германска лига.

Падерборн следната сезона ќе го има најмалиот стадион во лигата. Нивната Бентелер арена има капацитет од само 15.000 гледачи, а на некои натпревари оваа сезона по 10.000 седишта остануваа празни.

Освен што има мал стадион, Падерборн има и невообичаено лоши клупски простории и услови. Според германските медиуми, некои екипи од германската седма лига имаат подобра инфраструктура од новиот Бундеслигаш.

Својата опрема тие ја чуваат во мала гаража, буџетот од 6,1 милиони евра им беше еден од најмалите во цела втора лига, тие го имаа еден од најмладите состави во „Цвајта", во составот имаат само тројца странци, а најскапиот фудбалер во тимот им вреди 200.000 евра.

Но и покрај сè, Падерборн успеа да се пласира во Бундеслигата за прв пат во својата 107-годишна историја. Еден од најзаслужните за овој успех е тренерот Андре Брајтенрајтер.

40-годишниот тренер кој во минатото настапувал за Хановер, Хамбург и Волфсбург, седна на клупата пред почетокот на оваа сезона и немаше многу време за подготовка. Клупското раководство од него побара да го обезбеди опстанокот, но тој ги изненади сите.

Со својот метод на индивидуална работа со секој играч поединечно, но и обединување на тимот со офанзивна филозофија и победнички дух, Брајтенрајтер успеа клубот со третолигашки состав и услови да го одведе во германската елита. Токму заради неговите методи и филозифија, многумина го споредија Брајтенрајтер со тренерот на Борусија Дортмунд - Јирген Клоп.

Оваа сезона Ајнтрахт Брауншвајг освои, но и скрши многу срца со нивната епизодна улога во Бундеслигата, а Падерборн ќе се обиде да не ја одигра истата улога, туку да продолжи да ја изненадува фудбалска Германија.

12 мај 2014 - 14:28