Оние кои редовно се кладат, но и останатите љубопитни љубители на фудбалот, сигурно оваа сезона се изненадени од лидерот во шпанската втора лига. Таму на првата позиција се наоѓа малиот клуб Еибар.
Фудбалскиот клуб Еибар има најмал стадион (6.500 места), најмалку навивачи (во просек по 3.000), најмал буџет (3,5 милиони евра) и доаѓа од најмал град (27.000 жители), но е блиску до историски пласман во Примера.
Но истовремено се наоѓа и блиску до исфрлање во трета лига заради шпанскиот закон за спречување банкрот и покрај тоа што клубот работи скромно и нема никакви долгови.
Но токму тоа нивно скромно работење се коси со законот, колку и да звучи парадоксално. Според правилата, секој профисонален клуб мора да вреди колку четвртина од годишните трошоци на просечен второлигаш.
На тој начин Еибар ќе биде казнет затоа што малиот клуб секогаш работел според своите можности и нивната вредност е проценета на скромни 422.253 евра. Законот вели дека тоа не е доволно, па на управата на Еибар им е наредено за шест месеци да ја зголемат вредноста на акциите до 2.146.525 евра.
Тоа значи дека на клубот му фалат уште 1.724.272 евра.
Првата идеја на управата беше да им овозможи на навивачите да купат акции, но проблемот е што клубот има само околу 3.000 верни навивачи, па тие ќе треба да издвојат по 566 евра за да ја достигнат сумата.
Ако побараат помош од моќен инвеститор, тогаш управувањето на клубот повеќе нема да биде во надлежност на навивачите, односно тие што највеќе се грижат за него.
Малиот Еибар во моментов е во незавидна состојба и тоа само заради нивното скромно работење. „Клубот за пример", како што многумина го нарекуваат, ќе биде казнет за нивниот успех.