По седницата на Управниот одбор на ФФМ, за пласманот на Евро 2021 играчите ќе добијат 3,2 милиони евра како награда (околу 125.000 евра по играч), а плус уште 1 милион евра ќе добијат за првото место во групата во Д-дивизијата во Лига на нации.
„Кога ќе погледнеме што сѐ Фудбалската федерација на Македонија доживеа и оствари во 2020 година, навистина има на што да бидеме горди.
Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја , никогаш не се размислуваше за пари.
Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сѐ што заработивме и сѐ што плативме. На капитенот Пандев и соиграчите им посакувам многу среќа во новиот квалификациски циклус и повторно да ја одведат Македонија на големо натпреварување“, рече претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини во своето излагање.
Целосни премии од по 125.000 евра за пласман на Европско добиле 13 играчи од кои сите првотимци на мечот со Грузија во Тбилиси, како и Енис Барди кој поради повреда не го одигра решавачкиот меч.
Премија од 125.000 евра добил и селекторот Игор Ангеловски. Убава и заслужена премија добиваат и останатите фудбалери кои беа во составот како и цел стручен штаб.
Треба да се напомене дека селекторот Ангеловски ќе добие плус премија од 200.000 евра затоа што во договорот потпишан во ноември 2015-та година кога седна на клупата стоела клаузула за ваков бонус во случај да ја одведе Македонија на Евро 2020.
Оваа клаузула беше во договорот потпишан со претходникот на Муамед Сејдини, а истата стоела и во последниот договор кој во мај лани го потпиша селекторот на уште 18 месеци.
Македонија на историско прво Европско првенство ќе отвори против Австрија на 13 јуни во Букурешт, па на 17 јуни со Украина на исто место во главниот град на Романија, а потоа следи јагодката на колачот - Амстердам и големата Холандија на 21 јуни.