Романците го викаат „Марадона од Карпатите" и „Кралот", а Турците го викаат „Командандот". Три учества на Светски првенства, три на Европски првенства, 124 настапи за репрезентацијата, легенда на Галатасарај и еден од ретките фудбалери кои има играно за Барселона и Реал Мадрид. Тоа е Георге Хаџи, најдобриот фудбалер во историјата на романскиот фудбал.
Георге Хаџи, роден на 5 февруари 1965 во Романија, е син на сиромашно македонско семејство кое емигрирало од Кавала, вториот најголем град во Егејска Македонија, во 1932 година.
Најпрво фамилијата Хаџи се сместила во мало романско село во близина на границата со Бугарија, а потоа се префрлиле во село Сачеле во близина на Констанца.
И покрај тоа што поминале повеќе од 30 години од емигрирањето до раѓањето на Георге, неговото семејство никогаш не ги заборавиле своите корени, а го говореле и македонскиот јазик. Тоа го потврди и поранешниот селектор, Андон Дончевски кој во 1995-та година за време на учеството на еден семинар во Барселона го посетил и тренингот на ФК Барселона. Посетата, како што подоцна информираше Дончевски, ја искористил и за разговор со Хаџи кој во тоа време го носеше дресот на Барселона.
„Разговаравме на македонски, и самиот ми потврди дека е Македонец кој секаде го потенцира тој факт. Но за нашата репрезентација секако не може да игра затоа што веќе има многу настапи за романската. Но кога тогаш искажа желба, ако е во можност, да му помогне на македонскиот фудбал", беше тогашната изјава на Дончевски за медиумите.
Интересен е и податокот дека Георге Хаџи иако беше дел од романската репрезентација во квалификациите за СП 1998 во групата во која беше и Македонија, сепак не настапи на ниту еден од двата меѓусебни натпревари.
Најпрво, за натпреварот на 14 декември во 1996 година (кој заврши со победа од 3:0 на Романците) информацијата беше дека Хаџи нема да игра поради повреда, а на втората средба на 20 август 1997 година во Букурешт каде загубивме со 4:2 не беше соопштено зошто не игра. Тоа беа единствените два натпревари кои Хаџи ги пропушти во овој квалификациски циклус.