Новата сезона од македонската прва лига започна во саботата со натпреварот во Тетово помеѓу Ренова и Напредок.
Сите, ама буквално сите медиуми во саботата објавија куси извештаи од овој натпревар и тоа само врз основа на информации од вебстраните за резултати во живо. Помеѓу нив се и сите телевизии и весниците кои сигурно имаат дописници од Тетово, но не се заинтересираа да ги испратат на стадион.
Во нивните извештаи, исто како и на вебстраните со резултати во живо, пишуваше дека Ренова повела со голот на Сашко Пандев во 20. минута, а пет минути подоцна Напредок израмнил преку Клечкароски.
И сите згрешија! Една грешка на вебстраните за резултати во живо и сите паднаа на неа. Ренова не поведе, туку први во водство беа гостите. Пандев не беше стрелец на првиот гол во новото првенство, туку тоа беше Клечкароски.
Некои медиуми освен што утнаа со стрелците, се обидоа и да измислат извештај за натпревар што не го гледале. Едни напишаа „Ренова не успеа да ја искористи поголемата иницијатива на мечот за да стигне до втор гол...", а други во својот извештај напишаа „Ренова имаше повеќе од играта во текот на натпреварот...", а на теренот всушност ни „И" од иницијатива на Ренова.
Единствениот медиум кој имаше точен извештај од овој натпревар е „Македонски спорт“, но за да ја дознаеме точната информација требаше да го чекаме печатеното издание кое излезе два дена по натпреварот.
Ден подоцна се одиграа и останатите натпревари од првото коло, а по пауза од повеќе години, немногубројните љубители на македонскиот фудбал останаа ускратени од можноста да ги слушаат преносите на македонското радио.
Од се уште за нас непозната причина, новото раководство на ФФМ и Македонското радио не се договориле околу продолжување на соработката и единствен извор на информации остана livescore.
Во секоја нормална држава во светот, фудбалските натпревари од националните првенства се пренесувани во живо на ТВ, а детални информации за пониските лиги имаат и на ТВ, радио и интернет, ние во нашата држава веќе немаме ни радио пренос. Во првото коло се одигра и големото дерби помеѓу Вардар и Работнички и во исто време на интернет можевме да најдеме видео пренос од трета лига во Зимбабве, а од нашето дерби имавме информативен мрак! И како после сакаме посилна лига?