Уште по објавуањето на ждрепката за групите за Лига на Нации беше јасно дека доколку Македонија заврши прва во својата група, ќе оди на Фајнал фор (4 првопласирани од секоја група ќе играат полуфинале и финале за место на ЕП), каде главни конкуренти според реномето и шансите за прво место во своите групи би ни биле Грузија, Белорусија и Азербејџан. Победникот на турнирот меѓу овие четири селекции ќе обезбеди пласман на Европско првенство.
Како тоа убаво звучи, но одиме „отом-потом“.
ГРУПА 1
На стартот од Лига на нации во Група 1 од нашата лига Грузија веќе има две победи и со шест бода се наметна како најсериозен кандидат за пласман на Фајнал Фор. Грузијците го победија Казахстан со 0:2 на гости а потоа и Латвија дома со 1:0 и сега имаат пет бода повеќе од Андора и Летонија. Казахстан во оваа група после две кола е последен со два порази и 0 бодови.
Како главен фаворит во групата, Грузија до крајот од Лига на Нации игра во октомври против Андора дома и против Летонија на гости. Во ноември се затвора циклусот и Грузија ќе има гостување во Андора и на крајот од Лига на Нации дома против Казахстан.
ГРУПА 2
На отворањето на Лига на нации, во група Б Белорусите очекувано го декласираа аутсајдерот Сан Марино со 5-0 во Минск. Белорусија е апсолутен фаворит за првото место во оваа група.
Но интересно е што Белорусија не е единствена што демонстрира сила - Луксембург со 4-0 ја прегази Молдавија во првото коло и има исто 3 бода колку и Белорусија.
На 11-ти септември (вторник) Белорусите гостуваат кај Молдавија а Луксембург кај Сан Марино. Како што стојат работите, ако во меѓувреме не се вмеша Молдавија, тогаш Белорусија и Луксембург би можеле до крај да се борат за првото место.
Во октомври Белорусите го пречекуваат токму Луксембург а потоа и Молдавија, а во ноември за крај гостуваат кај Луксембург и Сан Марино.
ГРУПА 3
Оваа група, барем по првото коло, изгледа дека е најизрамнета. Азербејџан ремизираше со Косово на стартот, а Фарски Острови со 3-1 ја победија Малта и сега се први со 3 бода. Овде до крај секој може секого да изненади, така што одлуката за патникот на Фајнал Фор за пласман на Европско 2020 ќе се знае можеби во ноември. Сè е отворено.
ГРУПА 4
Кај нас после две кола табелата е убава за гледање. Македонија е прва со 2 победи, 6 бода и гол разлика 4:0.
Но успешниот септември ни под разно не смее да ги опушти најдобрите македонски фудбалери затоа што Ерменија и Лихтенштајн имаат по 3 бода на второ и трето место. Во октомври (13-ти) Македонија игра против Лихтенштајн и тука како селекција која рамномерно се држеше со една Италија, не би требало да имаме проблем.
Три дена после оваа средба, ќе го имаме можеби и најтешкиот меч од овој турнир, гостување кај Ерменија на 16 октомври од 18 часот. Доколку останеме непоразени во Јереван, ни остануваат заверки на пласманот против Лихтенштајн на гости во ноември (16-ти) и три дена подоцна последниот меч од групната фаза против Гибралтар на „Градски“ во Скопје.
***
Како што многу пати пишувавме околу овој нов систем на натпреварување кои ги заменува пријателските средби со дуели од квалификациски карактер, така ќе потсетиме дека во случај нашата репрезентација да заврши прва во својата група, ќе игра Фајнал Фор.
Овој турнир на 4 најдобри селекции ќе се игра од 5 до 9 јуни 2019 година на едно место - домаќин најверојатно ќе биде најдобро рангираната репрезентација во тој момент.
Европското првенство 2020-та година ќе биде прво во историјата организирано во 12 градови во 12 европски земји од 12 јуни до 12 јули. Oва Европско ќе биде проширено од 16 на 24 земји учеснички. Полуфиналињата и финалето ќе се играат на Вембли.