Македонија не е привлечна за гледање ниту за 100-че

Европското преку квалификации беше недостижно, пријателските безцелни и неатрактивни, па гледам се потепавте да дојдете на стадион и за Лига на нации, новото натпреварување кое ни нуди најреален пат до остварување на сонот.

Македонската фудбалска репрезентација денеска од 18:00 часот на арената Филип Втори во Скопје го игра можеби најважниот од шесте дуели во групата 4 од Лигата Д. Гибралтар и Лихтенштајн се аутсајдери, а Ерменија каква таква, важи за единствена опасност да ни загрози планови за фајнлфор.

Убаво е човек кога се радува на проектилите на Барди во шпанското првенство, кога гледа како Несторовски и Трајковски ги полнат мрежите за Палермо, како Пандев не се дава во Серија А и на 35 години, Алиоски решета за Лидс и сл, ама зошто овие златни момчиња заедно со останатите да не ги бодриме кога се собираат заедно?

Имаа феноменална година зад себе со само еден пораз, полни се со желба за го искачат репрезентативниот фудбал на повисоко скалило кое според играта, резултатите и рејтингот е далеку подобро од пред некоја година.

И во вакви најпријатни услови на 25 степени, на стадион кој ве мамеше да го посетите кога дојдоа Манчестер и Реал, во услови кога УЕФА го организира натпреварувањето кое не смееме да го испуштиме, бидејќи е шанса за помалите земји, не можеме да наполниме ниту пола стадион.

За цените на влезниците е срамота да се дискутира. Чинат 100 и 150 денари. На куглање не можеш да отидеш со тие пари. На 2 часа до стартот беа продадени околу 3.000 влезници за стадион кој собира 33.000, а според тоа што го гледаме на стартот на прво поувреме, најоптимистички е да веруваме дека до 18 часот се продадени дупло повеќе карти.

Но и тоа е премалку, ако се знае дека ова е репрезентативен фудбал кој треба да обединува. Не дека ФФМ не треба да ја појача рекламата за оваа историска шанса на Македонија, ама и кога ќе ѕирне човек што има на стадион и колку кошта тоа задоволство, џабе кога е скаран со културата а следење спортски настани. А не дека не ги сака. Што чуден менталитет, попрво на митинг ќе отидат.

ЕДИТ:

Јужна се поднаполни во средина на прво полувреме. Изгледа почнале да пуштаат без пари :). Не бе посебна лига сме ние :)

9 септември 2018 - 18:34