Македонија ѝ подари победа на Грузија, во Тбилиси пораз од 2:0

Македонија вечерва на преполната „Тбилиси Арена“ во главниот град на Грузија имаше 19 наспроти 8 шута, поголем посед, 9 корнери наспроти 3 на Грузија, поголема контрола но и два кикса кои скапо ја чинеа нашата селекција. Грузија - Македонија 2:0 (1:0).

Македонската фудбалска репрезентација се врати на местото на кое се испиша нашата фудбалска историја во ноември 2020-та година. Тогаш со голот на Пандев Македонија славеше 0-1 и се пласираше на големото Европско првенство.

Вечерва, и општо во актуелното издание на Лига Нации улогата на „Македонија 2020“ ја има Грузија. Селекција предводена од најголемиот хит во италијанската Серија А, Квича Кварацкхелија, го живее моментот, создаде одличен амбиент и атмосфера налик на онаа нашата еуфорија пред две години.

рузија вечерва победи 2:0 но погодоците ги постигна како подарок од нашите играчи.

Селекторот Благоја Милески не можеше да смета вечерва на Аријан Адеми и на Стефан Ристовски кои се клучни играчи на оваа генерација, а отсутен беше и Дарко Чурлинов. Поради температура пред мечот, Александар Трајковски го почна дуелот од клупата за резерви.

Македонија за првпат во ова издание заигра од почеток со тандемот Миовски-Милан Ристовски во формација 3-5-2.

„Црвено-жолтите“ од почеток одлично воспоставија ритам, контрола над топката и почнавме со иницијатива на противничко поле.

Во 21' минута Стефан Ристовски имаше одлична шанса по еден шут од далечина на додавање на Елиф Елмас, но голманот Мамардашвили одбрани.

Имавме уште неколку обиди преку Барди и Елмас, но Грузијците први го отворија резултатот и тоа по автогол на нашиот центарфор Бојан Миовски кој го матираше Столе Димитриевски.

На пауза се замина со водство на Грузија 1:0.

Стартот на вториот дел донесе продолжение на она што го гледавме во првиот дел. Македонија играше, имаше повеќе корнери, создаде неколку шанси но немавме конкретен финиш.

Елмас, Барди и Алиоски имаа зрели прилики но домашниот голман го сочува својот гол или нашите репрезентативци шутираа крај неговите рамки.

И кога не ги искористивме шансите, на другата страна стигна казна. Дарко Велковски направи почетничка грешка и како последен играч во одбраната подаде топка во нозе на противнички фудбалер. Живживадѕе тргна во напад и го проигра Квича Кварацкхелија кој лесно поентираше за конечни 2:0.

Грузија со овој триумф го освои првото место во групата пред последното коло и ќе оди во погорната дивизија каде веќе се Турција, Казахстан и Грција. Македонија во понеделник ја затвори сезоната во Лига Нации со меч против Бугарија.

23 септември 2022 - 19:53