Акинфеев во епизодата прашај паталец не гаталец

Најдобриот руски голман од 2003. година е незаменлив на голот на ЦСКА Москва и руската репрезентација, но тој има сериозен проблем што цели 10 години ниту еднаш не ја сочувал мрежата во Лигата на шампионите и примал гол на 40 средби по ред.

На 1. ноември 2006 година ЦСКА Москва успеа непоразена да замине од гостувањето во Лондон каде против Арсенал одиграа 0:0. Тогаш Игор Акинфеев правеше чуда и ги скроти сите шутеви на Анри, Ван Перси, Росицки, Тео Волкот и Цеск Фабрегас.

Но од тој натпревар почнаа проблемите за капитенот на ЦСКА и голман на „Зборнаја“, затоа што до денес на 40 натпревари во Лигата на шампионите не успеал да ја сочува мрежата, без разлика дали Московјаните победуваа, ремизираа или губеа.

Таа сезона кога играа против Арсенал Акинфеев остана несовладан во групната фаза. Два пати против Арсенал и еднаш против Хамбург и Порто.

Вечерва ЦСКА Москва игра клучен меч за пласман понатаму во осминафиналето на ЛШ. „Армејците“ му гостуваат на Монако кој минатото коло во судиското продолжение го совлада Игор Акинфеев. Од таа причина, руската јавност веќе некое време се занимава со разни статистики, претпоставки и анализи а некои одат подалеку и веруваат дека се работи за гатање, баење, црна магија, проклетство.

Извесна Алјона Орлова, позната руска бајачка решила своеволно да му помогне на голманот. За рускиот портал Life.ru, Алјона вели дека таа му го засилила енергетското поле на Акинфеев пред дуелот со Монако.

Орлова, која била учесничка на руско популарно ТВ шоу „Борба на бајачите“ вели дека несреќата на Акинфеев е поврзана со голот кој го примил од Рикардо Кварежма, Португалецот со ромско потекло.

„Бајачите обично овие работи не ги прават без согласност од другата страна, но во случајов мислам дека на Игор нема да му смета и не може да му одмогне. Таа помош е како апче и неважно е од чија рака го добивате, важно е да делува. Ќе се обидам преку фотографија да го ојачам неговото енергетско поле и да му пратам импулс на среќа“, вели Алона која во прилогот го изведува магискиот обред пред камерите.

Мечот Монако - ЦСКА Москва се игра вечерва од 20:45 а букмејкерите и не се баш така уверени дека Игор Акинфеев ќе остане несовладан и вечерва. Бар не според коефицентите.