Како тоа стално тој да ја дупне главата?
На 5 мај 2015-та во класикот од полуфиналето во Лига на шампиони против Реал, Кјелини во еден дуел се удри со Герет Бејл. Епилог: посекотина и крв. И како што секогаш прави, го преврзаа како бандит, а тој му помогна на Јувентус да оствари многу важна домашна победа.
Наскоро, на пролет повторно ќе играат против Реал Мадрид во нокаут фазата во Лига на шампиони - но не се знае дали Кјелини ќе игра поради тоа што влече мускулна повреда (ако воопшто обрнува внимание на повреда).
27. септември 2017-та, „Алијанц Стадион“ - Јуве му даде два гола на Олимпијакос и се повлекува за да сочува енергија, а гостите создаваат многу шанси и до крајот бараат зрно надеж.
Горостасот од Норвешка, Бјорн Енгелс во 88’ минута отиде во шеснаесетникот на Јувентус и се залета на една топка центрирана од корнер. За само една секунда следуваше хорор дуел со Кјелини со кого се удрија глава со глава и паднаа на теренот. Џорџо заврши со осум конци и беше целиот облеан со крв.
„Осум конци? Најважни се трите бода, а осумте конци на главата се само украс“, изјавил Кјелини после мечот.
Само три минути откако го сошија тој застана на нозе а главата му беше преврзана со завои. Лекарите едвај му ја сопреле крвта да не му протекува и не можеле да го убедат да лежи и да мирува. А и кај ќе убедиш да мирува играч кој става глава кај што некој не става нога?
Се почна во 2007-ма година, кога Џорџо додека настапуваше во квалификациите за младата репрезентација на Италија (U21) ја раскрвари главата во дуел со еден млад англиски фудбалер. Тоа се случи во март а после три месеци ситуацијата се повтори на Европското U21 на решавачкиот натпревар против Португалија кога победникот обезбедуваше виза за Олимписки Игри.
Во двата случаи Кјелини не го забележа противникот и храбро отиде на топка, по цена да му ја дупнат главата. На крајот Италијанците отидоа на Олимпијада а Џорџо се врати од Европско со конци на главата.
Џорџо Кјелини уште од раѓање бил лишен од страв од повреди. Татко му бил прочуен хирург и Џорџо тргнал по негови стапки, но докторската кариера брзо ја заборавил кога се вљубил во фудбалот во матичниот клуб Ливорно.
Хируршкиот занает му се нашол на теренот: „Јас сум најсилен, јас сум најдрзок, сега ќе ги ловам“, викал Кјиелини пред секое излегување на теренот каде ги бркал напаѓачите пред сопствениот гол.
На 14. март 2009-та во страшен дуел со стоперот на Болоња Мигел Бритос, Кјиелини го скрши носот. Само 48 часа подоцна Џорџо се појавил на тренинг со маска во шарени бои.
На 15. ноември истата година на пријателски меч со репрезентацијата на Холандија, Кјиелини се судри со Ван Перси во еден дуел а епилогот беше: На Холанѓанецот му настрада зглобот, го чекаше пауза од пет месеци без фудбал и лекција дека Џорџо е појак и од месарите во англискиот фудбал.
Две недели после Холандија, Кјелини го чекаше меч против Каљари. Бразилецот Нене толку силно го удрил со лакт стоперот на Јувентус што Џорџо повторно бил опкружен со лекари, крв, маска. Исто како пред пола година.
Италијанските форумаши тогаш предложиле EA Sports во своите фудбалски симулатори да го стават Кјелини со маска на лице.
Во 2010-та „Аѕурите“ се спремаа за меч со Србија, а тренерот на Јуве Џиџи дел Нери барал од Кјелини да не го шутка Милош Красиќ зошто му треба здрав назад.
„Тренерот ми кажа дека Красиќ му треба на Јувентус, но ако стане неопходно да го сопрам, нема да се воздржувам. Подобро да настине пред мечот“, се пошегувал снажниот стопер на Јуве.
Тоа беше оној фамозен „Иван Богданов“ меч во Џенова кога српските хулигани збеснаа во гостинскиот сектор, а пред натпреварот му се пуштиле на голманот Владимир Стојковиќ. Веќе во 8’ минута по неофицијалниот почеток, натпреварот беше одложен па Красиќ се спасил од стартовите на Џорџоне.
На 13. ноември 2010-та и дуелот Јувентус - Рома, Јаквинта со чудесен шут му даде гол на Сержо а пред крај на првиот дел Тоти израмни. После паузата во вториот дел играчите се бореле многу па никој не забележал кога настрадал Кјелини.
„Главата му беше дупната а од таму му течеше многу крв, но ние не се возбудивме зошто го знаевме веќе каков е“, раскажал Јаквинта.
Кјелини не се откажал и останал на теренот да игра. Во 94’ минута судијата Рицоли ги викнал лекарите одново да го преврзаат стоперот на Јувентус зошто му течела крв и набрзо свирнал крај. Џорџо жестоко се бунел што мечот не потраел уште малку.
Алваро Мората на пример го смета Италијанецот за најжестокиот дефанзивец и не сака да игра против него на теренот: „Да играш против него е исто како да паднеш во кафез кај горили и да бараш да не те изедат“.
„Еднаш ја сретнав мајка му на Алваро Мората. И таа почна да вика: ’Како така, јас сега те гледав на теренот, па ти си бил психопат! А во животот толку мил и добар човек не сум видела“, се сеќава Џорџо на средбата со мајка му на младиот Шпанец.
„Кјелини се однесува со мене како со помал брат а не како со соиграч од младинската екипа. Ме возеше на тренинзи, ми помагаше многу и кога не ми одеше. Но на терен може да биде дива ѕверка. Џорџо сака да ги крши противниците и да влијае врз судиите. Класичен италијански стопер“, раскажува за својот поранешен соиграч, Албин Екдал кој играше во Јуве во сезоната 2008/2009.
Да, Кјелини додуше нема милост ни кон своите. Во јануари 2017-та на дербито со Лацио Сами Кедира се судрил случајно со Кјелини и паднал на земјата.
„Сега знам како е да се игра против него. Ги жалам сите напаѓачи кои мора да застанат пред него“, напишал Кедира на Твитер.
Кјелини им делел лактови и на надежта на италијанскиот фудбал Андреа Белоти и на Единсон Кавани а со сета сила го лупнал и Златан.
„Во Серија А најдобриот напад значи најдобра статистика, а најдобрата одбрана значи - скудето“, додава Кјелини.
Невообичаено, иако игра жесток фудбал целиот живот, тој избегнал сериозни повреди. Во сезоната 2012/2013 тој се опоравувал 63 дена и тоа е најдолгото отстуство во неговата богата кариера. Обично отстуствува од 5 до 7 дена.
Слободното време и паузите Кјелини ги користи за образование. Љубовта кон книгите му се родила откако ја прочитал „Малиот принц“ од Егзипери. Од тогаш литературата влегла во неговиот живот и тој постојано чита: неретко може да го сретнете како седи на клупа и листа страници во торинскиот парк Валентино. Чита буквално се: од автобиографии на познати луѓе, филозофски романи и приказни за ќеркичката Нина“.
Тој не се ограничил само на читање. Во период од две години Џорџо Кјелини напишал и објавил две книги. Првата е посветена на Гаетано Ширеа - биографија на големиот и сакан дефанзивец на Јувентус и Италија во ’70-те и ’80-те, а втората книга носи наслов „Стопер. Социјална биографија“ - за самиот Џорџо каде тој одговара на стотини прашања од навивачите кои тој ги одбрал од неколку илјади.
Во таа книга открива и дека во детството навивал за Милан.
„Тој факт денес ме засмева. Секој пат кога ’росонерите’ играа со Јувентус, јас и брат ми Клаудио урлавме. Тој навиваше уште тогаш за ’бјанконерите’. Да претпоставиме дека се сфатив како што растев. Во своја одбрана можам да кажам дека Милан во тие години имаше навистина сјаен тим“, пишува Џорџо во својата книга.
Добрината е една од многуте карактерни црти на левоногиот стопер на Италија и Јувентус. Кога Луис Суарез направи ординарна глупост и го загриза Кјелини на Светско првенство пред камерите, Кјелини во бес изјавил: „Суарез е подол. И сигурен сум дека неговите постапки му одговараат на карактерот“. А кога дознал за драконската суспензија за Уругваецот, Џорџо рекол: „Не требаше да го казнат толку строго. Па тој не направи ништо страшно. Исто како да бакна некој другар“, се насмеал Кјелини.
Пред една години, симболот на Јувентус заврши пост-дипломски студии на Торинскиот универзитет и се стекнал со диплома по бизнис управување. Ја одбранил неговата дисертација на тема „Бизнис моделот на Јувентус во меѓународен контекст“. Резултатот му бил 109 од 110 поени.
„Во иднина се гледам во улога на еден од менаџерите во клубот. Боите на Јувентус за мене станаа втора кожа, ги чувствувам на себе. Да, имаше времиња кога ризикував да го напуштам Јувентус, но сега тоа е далеку. Мечтаам да ја завршам својата кариера тука, во Торино“, заклучува Џорџо Кјелини.