Луис Фиго (42) во кариерата играше за Барса, Реал Мадрид и Интер, а ги освои Златната топка во 2000. и стана ФИФА Играч на годината во 2001. година.
Сеп Блатер одамна најави дека ќе конкурира за петти мандат по ред како претседател на ФИФА, но за разлика од претходните наврати, Швајцарецот сега ќе треба да се соочи со шест против-кандидати. Сепак, правилата за кандидатура налагаат поддршка од минимум пет фудбалски федерации во светот, што значи дека некои кандидати ќе треба уште да агитираат.
Откако денес објави дека и тој ќе се трка за претседател, Луис Фиго додаде дека веќе ја има потребната поддршка од неколку федерации.
„Откако извештајот на адвокатот Мајкл Гарсија не беше јавно објавен, сфатив дека е дојдено време за промени и дека нешто треба да се направи. Ако си транспарентен како што ФИФА тврди дека е и ако има истрага во која немаш што да криеш, зошто тогаш јавно не ги објавиш доказите", изјави Луис Фиго во обраќањето до јавноста.
Во меѓувреме, Давид Жинола може да биде дисквалификуван од трката, затоа што се откри дека обложувалницата Paddy Power му ја финансирала кампањата, а тоа се коси со правилата на ФИФА.