Љубовната приказна на Чави со Барселона

Новиот тренер на каталонскиот гигант е дете на клубот. Во Барса помина повеќе од две децении и најубавите моменти од животот му се поврзани со блауграна.

Чави се враќа во најсаканиот клуб на неговиот живот. Ал Сад конечно официјално го прекина договорот со него, а тоа значи дека легендата наскоро се враќа на местото каде помина 24 години од животот и освои 25 трофеи како играч.

ДЕДО МУ НЕ ГО САКАЛ РЕАЛ И ВЕРУВАЛ ДЕКА ВНУК МУ ЌЕ ИГРА ЗА БАРСА, НА ПРОБА ДАЛ ХЕТ-ТРИК

Чави е роден во фудбалско семејство во Тераса, градче близу Барселона. Од детство најдобар другар му била топката по која трчал со браќата во дворот. Татко му во минатото бил фудбалер, а дедо му Хауме водел мало клубче од родниот крај. Дедо му најмногу сакал да ги вози внуците на тренинзи во својот клуб Сеата.

Хауме го следел од близу потенцијалот на шестгодишниот Чави.

„Внук ми ќе игра во Барселона“, често викал дедо му на Чави.

На родителите не им се допаѓало што стариот го протежира Чави најмногу од сите браќа, ама не можеле ништо, просто му бил миленик. Секој ден дедо Хауме го тврдел истото. И на крајот бил во право.

Кога гледале фудбал, тоа било посебна приказна. Хауме не го сакал Реал Мадрид, а Чави еднаш за рекол дека дедо му бил најголемиот анти-мадридист кој го видел во животот. До таму што им викал на внуците да не играат фудбал со деца кои носат дрес на Реал.

Кога Реал Мадрид губел, дедо Хауме ликувал. Омилено хоби му било да си купи „тазе“ весник As и да го чита внимателно секој збор.

Чави брзо напредувал во локалниот клуб Тераса и го привлекол вниманието на големите клубови. Еднаш дури и луѓе од Реал Мадрид сакале да го носат во главниот град, но таков трансфер не смеел да се случи зошто дедото би ги избркал сите на улица.

После извесно време се јавиле и до Барселона, кај татко му на Чави кој ја водел академијата на клубот кај што играл син му. Но имало такви кои сомневале во силата на Чави, сметале дека е премногу мал, слаб и низок.

На 11 години отпаднале сите сомнежи: татко му на Чави рекол дека одат на проба во Барселона. Голема улога одиграле и колегите кои одамна препорачувале во Барса да го проба малиот.

Чави тогаш играл во напад како центарфор, чиста деветка. Запознавањето во Барселона поминало како од соништата: постигнал хет-трик и му рекле да дојде пак. Татко му признал подоцна дека пробата била своевидна формалност зошто Барса била спремна да потпише договор со малиот.

ОД ПРВИТЕ ЗАРАБОТЕНИ ПАРИ ВО БАРСЕЛОНА И КУПИЛ НА МАЈКА МУ ТОСТЕР

Ла Масија. Најдобрата фудбалска академија на светот. Чави за брзо време станал капитен на тимот за деца до 11 години. Таму од напад го вратиле поназад во среден ред, за топката почесто да биде кај него.

Малиот Чави патувал секој ден на тренинзи и натпревари, зошто родителите не го пуштиле да живее во интернатот на Ла Масија. На мајка и не и се допаѓал регионот каде се наоѓала школата за тие деца. Затоа останал во Тараса и одел на тренинзи понекогаш со такси. Со тек на време клубот им го олеснил животот на овие таленти од подалечните места, со комбе ги земал и враќал дома масажерот од академијата.

Првите заработени пари во клубот, 4.000 пезоси (околу 25 евра) Чави ги потрошил за да купи подарок за мајка му. Во еден салон за бела техника мајка му одбрала нешто што не е поскапо од оваа сума и се решила за тостер.

ГВАРДИОЛА МНОГУ СИЛНО ВЛИЈАЕЛ НА ЧАВИ, ПРВО КАКО ИГРАЧ ПОСЛЕ КАКО ТРЕНЕР - ДО ДЕН ДЕНЕС МУ ДАВА СОВЕТИ

На 13 години Чави бил прекомандуван во Барса У-14. Тренер таму бил Жоан Вила од кого учеле основни работи пред да тргнат понатаму во младинците. Вила им објаснувал како да се бранат, да играат пресинг, да изведуваат слободни удар, корнери итн.

Вила прв го споредил Чави Ернандез со Пеп Гвардиола кој тогаш играл за првиот тим на Барселона. „Ние можеби ќе го добиеме новиот Гвардиола“, рекол еднаш тренерот Вила. Преку викенд Чави одел на „Камп Ноу“ за да го гледа Гвардиола во живо и да учи од неговите потези: брзо да носи одлука што со топката, работа со корпусот, движење.

„Вила ми кажа: Дете, впивај што можеш од Пеп. Првиот прием на топка, како ја мести главата пред да прими топка, како се справува со пресинг, како користи простор и ја контролира топката“, се сеќавал Чави.

Еднаш Вила го викнал Пеп на тренинг на младинските категории. Пеп зборувал со децата, посебно на Чави му дал неколку совети и му рекол дека со тек на време ќе го прати во пензија. После четири години заедно играа за првиот тим на Барса.

Пеп и тогаш бил силен авторитет и пример за Чави, па поради конкуренција на неговото место, младиот талент сериозно размислувал да замине од Барселона. Но кога наполнил 21 година, Пеп веќе заминал.

Следен пат се сретнале после 7 години кога Гвардиола ја презеде Барса како тренер. Во тоа време Чави пак размислувал да замине но Пеп го убедил да остане.

„Неговите први зборови како тренер кои ги памтам беа за тоа дека нема да трпи никој што нема да работи максимално до крај. Единствено што ми треба е ваша тешка работа, така ни викаше. Тоа беше изненадување за сите нас“, раскажал Чави еднаш во интервју за сајтот на Манчестер Сити.

Пеп направи чудо со Барселона. Играа најубав фудбал во клупската историја, ги освоија сите можни трофеи на светот уште во неговата дебитантска сезона. Чави во таа генерација имаше главна улога - ја водеше играта, правеше простор и многу асистенции. Во првата сезона под Гвардиола, Чави постигна 10 гола и направи дури 30 асистенции на 40 меча! Стана најдобар во Лига на шампиони и Ла Лига по број на асистенции за гол.

„Виоскиот пресинг беше прекрасен. Револуција, фудбал на новото време. После неколку години веќе никој не играше со долги топки, дури и Реал го смени стилот. Во првата година на Пеп почна фудбалска револуција. Влеговме во историјата. Не само поради победите, туку и за тоа како игравме. Гвардиола го смени светскиот фудбал“, рекол Чави во една прилика.

Тие двајца до ден-денес одржуваат контакт и редовно се слушаат. Во 2020-та Чави раскажал дека често зборува со Пеп а понекогаш кога ќе се сретнат, не можат да ги прекинат.

„Мојот концепт на игра многу личи на тој на Пеп. Гвардиола исто многу сака да доминира и да има посед на топка. Проактивна игра. Јас многу научив од Гвардиола, од неговиот карактер, амбиции, желба и страст. Он е тактичар луд за фудбал. Мислам дека е најдобар тренер на свет“

МЕДИУМИТЕ БИЛЕ МНОГУ ЖУСТРИ КОН НЕГО И ГО НАРЕКУВАЛЕ ЧИСТАЧ

Првите чекори на Чави во првиот тим на Барса биле кај тренерот Ван Гал. Каталонецот после долги години раскажал дека после првите два тренинзи го сметал тренерот за идиот. После неколку недели сфатил дека Холанѓанецот се објаснувал правилно.

Ван Гал постепено го внесувал Чави во прв тим, го користел на разни позиции, во средина на терен а некогаш и по страна во одбраната. На почетокот на сезона 1999/2000 Чави регуларно бил дел од составот но само ден после еден пораз во Лига на шампиони, тренерот рекол дека Чави се враќа во Б тимот.

Ван Гал сакал да му покаже на Чави дека во Барса нема место за опуштање.

Чави Ернандез дебитираше за Барса во баш добри времиња по клубот. Екипата поминуваше низ криза, честа смена на тренери и цели пет години без освоен трофеј. Медиумите и навивачите биле жестоки.

„Новинарите бараа жртвено јагне, а јас бев идеална мета. Бев спор, бавен, старомоден“, се сеќава Чави во интервју за FourFourTwo. Него го обвинувале за бледа игра, за неприметност, за отсуство на лидерски квалитети. Шпанските медиуми го разнесувале секој ден. Го нарекувале брисач од кола зошто единствено нешто што знаел да прави е да дава топка во страна.

„Кога се работи за критики имаш две варијанти: или да паднеш во депресија, или да се бориш. Јас сум тврдоглав, па докажав што можам. Постепено го достигнав врвот. Многу сум горд на тоа“.

Чави живнал во 2003 со доаѓањето на Рајкард и Лапорта. „Тогаш се вративме на фудбалот на Кројф: 4-3-3 со акцент на посед на топка“, вели Чави.

НЕКОЛКУ ПАТИ САКАЛ ДА ЗАМИНЕ, АМА СЕКОГАШ ОСТАНУВАЛ, МАЈКА МУ ДУРИ СЕ ЗАКАНУВАЛА СО РАЗВОД ОД ТАТКО МУ

Чави два пати бил реално до заминување.

Во 1999-та година после младинското Светско првенство во Нигерија, на татко му на Чави му се јавиле од славниот Милан и го поканиле на средба со Адриано Галијани. италијанците нуделе страшни 250 милиони пезоси по сезони и договор на 4 години. Плус на татко му му понудиле работа во академијата на Милан, и тој бил спремен да прифати. На Чави му гарантирале место во прв тим.

Понудата не била добра само од финансиски аспект. Во Барса во тоа време Пеп играше најдобар фудбал во кариерата, па Чави беше во втор план. Одлуката ја донеле на семеен собир.

Татко му и браќата биле за Милан, ама мајка му жестоко се противела. Чави мора да остане во Барса, инсистирала таа, ако тој си отиде, ќе се разведеме, му рекла на татко им.

Втор пат близу до заминување Чави бил пред старт на сезоната 2008/2009. Чуствувал дека се уште не го ценат доволно како играч. Но се сменил Пеп, неговиот идол. Прво го убедил Чави да остане а второ, му дал целосна слобода и лидерство на теренот.

Чави замина од Барселона на 35 години. Сфатил дека веќе не може да и биде од корист на екипата како претходно. И отиде во Катар. Го привлекле подготовките за Светско првенство 2022 во оваа земја. Катар доби домаќинство во 2010-та година и од тогаш моќно вложува во фудбалот. Оваа земја дава цело богатство за влијателни тренери и играчи од странсво кои би им пренеле знаење на домашните. Чави се советувал и со Раул кој пар години играл во Катар.

Стана тренер на Ал Сад, најтрофејниот клуб во оваа земја. За четири години освои четири трофеи и се вљубил во Катар.

„Ми се допаѓа практично се тука. Прекрасно време, сонце свети речиси секој ден. Одлично место за работа, луѓето многу уважуваат и се дружељубиви. Безбедна земја е со многу ниска стапка на престапништва. Прекрасно место за млади семејства“, напишал Чави во колумна за Goal.com во 2020.

Чави првите тренерски чекори ги направи токму во Ал Сад. Успешно, за две години освои 7 трофеи меѓу кои и шампионска титула во земјата. Сега го чека многу потешка работа во Барселона.

5 ноември 2021 - 15:04