Левандовски е од друга планета

Ако „Златна топка“ се даваше за есенскиот дел од сезоната, Роберт Левандовски годинава немаше да има никаква конкуренција.

Полјакот продолжува да дава голови во лудачко темпо. Во вторникот вечер настрада Црвена Звезда на која шпицот на Баерн Минхен ѝ даде четири гола за 14 минути и 31 секунда. Ова е најбрзиот покер во историјата на Лига на шампиони.

Во право е она што го тврдат некои колеги, дека толку се навикнавме на головите во серија на Роберт Левандовски што понекогаш и забораваме што тој прави.

Полјакот е најголем, а еве и зошто:

- Сезонава веќе даде 33 гола на 26 меча. Ги распредели во сите натпреварувања: 16 гола на 12 меча во Бундеслига (прв стрелец е таму), 10 гола на 5 меча во Лига на шампиони (прв стрелец е и таму), 6 гола на 6 меча во квалификациите за Европско, 1 гол на 2 меча во Купот на Германија. Не постигна гол само во Суперкупот против Борусија Дортмунд на почетокот на сезоната кога Баерн изгуби 0:2.

Левандовски во моментов има повеќе голови во клупската сезона од Лео Меси, Луис Суарез и Кристијано Роналдо заедно. Сите овие тројца имаат 24 а тој сам има 27.

Полскиот центарфор стана најдобар стрелец на Баерн Минхен во Лига на шампиони откако го урна рекордот на Герд Милер. Лева има 46 гола, а Милер 43 во КЕШ/ЛШ.

Роберт има вкупно 63 гола во Лига на шампиони (другите ги даде за Борусија Дортмунд) и е само петти играч во историјата кој успеал да надмине бројка од 60 гола во најдоброто европско натпреварување. Повеќе од него имаат само Роналдо (127), Меси (113), Раул (71). Бензема има исто 63.

Репрезентативецот на Полска стана петти играч кој постигнал гол во секое од стартните 5 кола од Лига на шампиони. Тоа претходно им успеа на Алесандро Дел Пјеро, Сергеј Ребров, Роналдо и Нејмар.

Левандовски стана трет играч кој во групна фаза од ЛШ постигнал 10+ гола. Претходно тоа го направија Меси (10 гола во сезоната 2016/2017) и Роналдо (11 во 2015/2016). 

Високиот напаѓач го зазема четвртото место во историјата по просек на реализација - 0,77 гола по натпревар. Подобар учинок од него во ЛШ за сега на ова поле имаат Кејн, Меси и Ван Нистелрој.

Лидерот на Баварците се израмни по бројот на голови со Румениге - по 218 и сега го делат второто место. Прв стрелец во клупската историја на Баерн е големиот Герд Милер кој дал 564 гола.

27 ноември 2019 - 11:50