Легендарниот судија кој се тркаше и бакнуваше со Баркли

По 39 години судење во НБА, Дик Бавета се повлекува од паркетот на 74 години. Делеше правда на рекордни 2.635 меча и не откажа ниту еден.

Дик Бавета е икона меѓу судиите во најсилната кошаркарска лига во светот каде им судеше на неколку генерации на славни играчи, почнувајќи од Лери Бирд, Меџик Џонсон, Мајкл Џордан, Шекил О Нил, па се до најновата ера на Леброн Џејмс и Коби Брајант.

Одел во исто средно школо во Њујорк каде што учел Карим Абдул Џабар, а откако дипломирал играл и кошарка за колеџ клубовите.

Неговата четири децениска приказна со НБА лигата почнува на 2 декември 1975 година кога во Медисон Сквер Гарден го судел натпреварот помеѓу Њујорк и Бостон.

На 12 април минатата година во Вашингтон стигна до 2.600 мечеви во НБА, а ќе остане запаметен по тоа што не откажал ниту еден меч. Незгодна случка имал за време на тепачката меѓу Џејлен Роуз и Патрик Јуинг во 1999 година кога по грешка добил бокс.

Но тој не го напуштил веднаш паркетот и покрај тоа што заработил скршеница на носот, а откако заминал на операција, наредниот ден веднаш се вратил на паркетот.

Рекордот со најмногу одработени натпревари во НБА лигата  кој претходно го држел Џек О`Донел,  го поставил на 8 февруари 2006 година кога стигнал до 2.135 средби.

Во долгата кариера има запишано 270 плеј-оф средби вклучувајќи 27 финални мечеви, а со ангажманот во Барселона 1992 стана првиот НБА судија кој бил избран да суди на едни Олимписки игри.

Неговиот авторитет смета дека се зголемил уште во 80-те години кога по инцидентот меѓу Лери Бирд и Жулиус Ирвинг кои се фатија за врат на средбата помеѓу Филаделфија и Бостон Селтикс, тој ги исклучил и двајцата.

Тој натпревар ќе остане запаметен и потоа што Бавета бил приморан самиот да го суди, откако неговиот колега си ја скршил ногата.

Највисоката цена ја достигна во 2000 година кога со годишна заработувачка од над 200.000 долари стана еден од најплатените кошаркарски судии во САД.

Кондицијата ја одржувал со секојдневно трчање од 8 до 12 километри, а тајната во неговата долга кариера вели дека се крие во тоа што носел по пет пара чорапи.

Трката со Чарлс Баркли

И бакнежот со легендарниот кошаркар

20 август 2014 - 17:55