Лацио изминатиот викенд го тресна Наполи на гости со четири парчиња, го славеше третото место до сабајле, но според генералниот секретар на Federbet, клубот може да остане без учество во Европа.
„Ако се појават нови елементи во сведочењето на Христијан Илиевски за мечот Лацио – Џенова од 14 мај 2011 и повторно се отвори процес Лацио ризикува исклучување од европските натпреварување, како и казна за клубот. Тоа го предвидува правилото на УЕФА“, изјави Баранка од организацијата која се бави со откривање на наместени натпревари.
За тој меч капитенот на Бјанкочелестите Стефано Маури беше дисквалификуван 6 месеци, а Христијан Илиевски раскажа како се запознал со него на паркингот пред тренинг центарот на Лацио.
Во римскиот клуб не стравуваат од такво нешто и веднаш реагираа со соопштение во кое напишаа дека ставовите на господинот Баранка се чисто субјективни, без никакви докази и со нив само се нарушува мирот на клубот, играчите и навивачите.
Во извештајот 2015 на Federbet има сомнителни натпревари од Хрватска, Црна Гора, Грција, Бугарија, Албанија, Словенија, Унгарија, Романија, Португалија, Италија, Украина, Канада и Индонезија.
Се споменува и Шведска која важи за земја која нема големи проблеми со корупција, потоа пријателски мечеви, како и од квалификации за Лига Европа. Македонија ја нема во извештајот, а ја немаше ниту лани.